1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парализа на демократскиот развој на Македонија

З. Јордановски5 февруари 2015

Демократската култура и кохезијата на општеството еродираат, неопходни се реформи според европска агенда, вели во изјава за ДВ Мануел Сарацин, пратеник на Зелените во германскиот Бундестаг.

Фотографија: DW/N. Jolkver

„Неопходно да бидат испитани изнесените обвиненија. Ситуацијата во Македонија е вознемирувачка и дава повод за загриженост. Спорот меѓу политичките партии, кој настана по парламентарните избори, го парализира демократскиот развој и реформскиот процес во земјата“, вели Мануел Сарацин, пратеник во Бундестагот во фракцијата на германските Зелени, по веста за наводен обид за пуч од страна на социјалдемократската опозиција во Македонија. „Со години е замрзнат почетокот на преговорите (за членство во ЕУ, н.з.). Се чини дека се’ повеќе еродираат демократската култура и кохезијата на општеството. Таквиот развој може да биде запрен со реформска агенда, која е јасно предодредена со главите од преговорите за пристап кон ЕУ. Оттука е уште повеќе за жалење што почетокот на преговорите пропаѓа поради спорот со Грција околу името. Грчката блокада е штетна за развојот на целиот регион, но ни владата на Груевски не е без вина за застојот. Со своите историско- и општествено-политички проекти таа им дава аргументи на сите во Грција, кои имаат интерес од натамошно зацврстување на спорот“.

Владата треба да покаже поголема волја за реформи

Македонија не треба да чека на почеток на преговорите со ЕУ за да спроведува натамошни неопходно реформи, смета Сарацин: „Владата имаше можност, независно од пристапни преговори, да се зафати со европски реформи. Таа можеше, како што констатира и Комисијата на ЕУ, и покрај ветото, да покаже поголема реформска волја и, на пример, да се обиде уште однапред да ги исполни условите од главата во преговорите за владеење на правото и демократија. Без реформи во таа област не може да се очекува демократски и развој кон владеење на правото во Македонија“. Во овој контекст, навраќајќи се на ситуацијата по покренувањето кривична постапка против претседателот на СДСМ Заев и уште три други лица за наводен заговор за загрозување на уставниот поредок на Македонија, Сарацин нагласува: „Актуелните обвинувања мора да бидат истражени и обработени од независно правосудство. Политички процес против неомилени политички противници се несврзливи со основните вредности на ЕУ, тоа мора да и’ биде јасно на владата на Груевски. Предуслов за пристапување во ЕУ е стабилна политичка и економска ситуација, во што спаѓа и ситуацијата во парламентот“, се вели во изјавата на Мануел Сарацин, на барање на ДВ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми