1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГлобално

Фрустрацијата на аџиите кои сакаат да заминат во Мека

Том Алинсон
7 јули 2020

Поради пандемијата на коронавирусот, Саудиска Арабија драстично го ограничи аџилакот кон Мека. За аџиите од цел свет тоа е разочарување, за Саудиска Арабија - горчлив економски удар.

Tarawih-Gebete in Mekka
Gebet mit Abstand: Nur wenige Menschen durften im Mai in die MoscheeФотографија: picture-alliance/dpa/Saudi Press Agency

На годишниот аџилак во Мека требаше да се соберат околу два и пол милиони луѓе од целиот свет. Но, аџилакот е откажан како меѓународен настан поради здравствените ризици во корона-кризата. Наместо непрегледна маса луѓе, сега веројатно ќе се соберат само неколку илјади граѓани на Саудиска Арабија и некои странци кои се трајно населени во земјата. Условот притоа е: носење маска.

Драстичните ограничувања предизвикаа разочарување кај аџиите од цел свет. Локалните трговци, за кои аџилакот е и бизнис, се соочени со помал обрт на средства годинава.

Распрснати соништа

Некои негови браќа по вера сакале оваа година да си го исполнат животниот сон и да заминат на аџилак, вели Мохамед Тарик од џамијата Каван во Ирска. „Не беа тажни, туку беа повеќе од тажни! Се подготвуваа да ја видат божјата куќа и сега не можат да одат“, вели Тарик во разговор за ДВ.

Разочараност владее и во „Тамил Наду Хаџ Комитет“ во Индија. Тамошните аџии се тажни што не можат да заминат, се вели во изјава на комитетот. Но, аџиите ја прифаќаат одлуката како божја волја. Како нив се чувствуваат муслиманите низ цел свет, од Минестоа до Пакистан, од Нигерија до Египет. Секаде има разочарување.

Џамиите во Мека отворени, на аџилак само 1000 верници

01:05

This browser does not support the video element.

Аџилакот е еден од петте соновни должности во исламот. Многу муслимански верници штедат пари цел живот за да можат да заминат на аџилак. Затоа нивното разочарување ги надминува рамките на разочараноста на едноставните туристи поради неможноста да се замине на летен одмор, вели познавачот на исламот и антрополог Шон Меклафлин од Универзиттеот Лидс во Велика Британија, кој ја истражува индустријата на аџилакот.

„Откажувањето има големо влијание - психолошки и духовно“, вели Меклафлин во разговор за ДВ. „Се работи и за многу комерцијална и истовремено политички многу значајна индустрија, но за секој аџија одделно откажувањето има и огромно лично значење.“

Мртвило во Мека

Во долината Мина, покриена со шатори, како и околу, во луксузните хотели исправени околу Големата џамија во Мека, исто така владее огорченост. Саудиските граѓани се’ повеќе чувствуваат што за нив ќе значи овогодишното откажување на аџилакот, кој носи 11 милијарди евра.

„Се разбира дека сме разочарани“, вели Хашим Тајеб. Трговецот е принуден да ја затвори својата продавница за парфеми во луксузниот комплекс пред џамијата. Многу ресторани, фризерници и други дуќани се „дефинитивно погодени, особено туристичките агенции“, вели Тајеб за ДВ.

„Не сме навиканти да ја гледаме Мека празна“, објаснува за агенцијата АФП, Ахмед Атија кој работи за туристичката бранша. „Градот изгледа мртво. Ова е катастрофална ситуација за Мека.“

Вообичаено за време на аџилакот улиците на Мека се преполни - сега се апсолутно празниФотографија: picture-alliance/AA/Stringer

Одлуката за откажување на аџилакот како голем настан веројатно нема да се промени, смета Тајеб. Саудиската кралска куќа со успешното организирање на аџилакот секоја година ја става до знаење и својата желба за водство во исламскиот свет, но јасно е и дека доколку коронавирусот избие меѓу 2,5 милиони аџии, стиснати еден до друг, тогаш тоа за Саудиска Арабија би била катастрофа. Веќе сега кралството има над 209.000 заразени. Веќе поради овој факт Ријад не сакаше да презема непресметливи ризици.

Загрозена егзистенција

Можноста за анулирање на аџилакот како меѓународен голем настан уште во март предизвика големи економски загуби. Хаџот и умрата (помал аџилак кој е можен во текот на целата година) придонесуваат за 20 проценти од оној дел на саудискиот брутодомашен производ кој не е резултат на нафтениот бизнис.

Еден возач од Медина вели дека тој и неговите колеги се веќе четири месеци без работа. „Порано овде работевме секој ден, тоа беше наш извор на егзистенција“, вели овој човек за ДВ кој сака да остане анонимен.

Мека во економски поглед е „огромна компанија„ (фото: снимка од воздух за време на хаџот во Мека во 2017 година)Фотографија: picture-alliance/AA/R. Turgut

Покрај континуираниот пад на цената на нафтата од почетокот на годината и корoна-кризата, и отпаѓањето на аџилакот значително влијае врз намалување на приходите. Меѓународниот монетарен фонд прогнозира пад на саудиската економија за 6,8% оваа година. Државата веќе реагираше со тројно зголемување на данокот на додадена вредност. И кратењата на субвенциите се чувствуваат кај многу Саудијци. Уште во април потрошувачката беше намалена просечно за 34,6%.

Предизвик за принцот престолонаследник

Големите ограничувања на хаџот и умрата се и удар за проектот „Визија 2030“ кој го „турка“ принцот престолонаследник Мохамед бин Салман. Принцот имаше намера со големи реформски чекори да ја диверзифицира економијата и да ја направи помалку зависна од нафтата. Плановите предвидуваа до крајот на деценијата бројот на аџии од хаџот да се зголеми на 6 милиони, а на аџиите кои одат на умра на 30 милиони, стои во студијата презентирана од страна на Шон Меклафлин минатата година, која се однесува на економијата на аџилакот.

Принцот Мохамед бин Салман е соочен со големи предизвициФотографија: picture-alliance/dpa/Saudi Press Agency

„Оваа стопанска гранка би можела повторно да се опорави, но неверојатно е дека до 2030 година тоа ќе биде во очекуваниот обем“, оценува Меклафлин за ДВ.

Таквиот развој би можел да го намали авторитетот на Бин Салман особено кај помладите граѓани на кралството, сметаат аналитичарите. „Одлучувачко прашање за Мохамед бин Салман е дали ќе може да ја придобие младината“, напиша неодамна за онлајн-списаниетоMiddle East Eye, Андреас Криг, професор асистент на Кралскиот колеџ во Лондон. Довербата во саудискиот престолонаследник ќе страда „доколку авторитарните мерки на државата одат заедно со зголемено оптоварување на просечниот граѓанин, а истовремено не се зголеми нивното право на соодлучувањево делот на раководење со државата и издатоците кои се плаќаат од даноци“, смета Криг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми