Саудискиот принц лично го наредил убиството на Кашоги?
ЖА / агенции
17 ноември 2018
Сознанијата на ЦИА велат дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман лично го наредил убиството на Џамал Кашоги, пишува весникот „Вашингтон пост“
Реклама
Американскиот весник пишува дека американскататајна служба ЦИА ги анализирала телефонските разговори на Кашоги и братот на саудискиот престолонаследен принц, Калид бин Салман, кој е амбасадор во САД. Во тој разговор наводно на Кашоги му е порачано дека без никаква опасност може да отиде во саудискиот конзулат во Истанбул за да подигне документи.
Повикот бил направен по наредба на принцот Мохамед бин Салман, де факто вистинскиот управувач со Саудиска Арабија, тврди „Вашингтон пост“, притоа повикувајќи се на сознанија на ЦИА. Според весникот, засега е нејасно дали амбасадорот знаел за планот за егзекуција.
Калид бин Салман негира ваков разговор. Тој на Твитер напиша дека последне контакт со Кашоги имал преку порака испратена уште во октомври минатата година. „Никогаш со него не сум разговарал телефонски и секако не сум му предлагал од било каква причина да отиде во Турција. Ги молам американските власти да ги објават информациите поврзани со ова тврдење“, напиша братот на престолонаследникот.
Дали било планирано само киднапирање?
„Вол стрит журнал“ исто така пишува за овој случај, повикувајќи се извор од ЦИА, според кого убиството на новинарот и дисидент Џамал Кашоги не било можно без вмешаност на престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Од другастрана, според весникот „Њујорк тајмс“, ЦИА ги темели своите сознанија врз основа на телефонскиот разговор на тимот кој го ликвидирал Кашоги и блиски соработници на престолонаследникот. Од тие разговори може да се заклучи дека принцот Бин Салман сакал да го намами Кашоги назад во Саудиска Арабија, но не и дека наредил негово убиство.
Кашоги беше убиен на почетокот на октомври во конзулатот на својата земја во Истанбул, каде отишол да подигне документи потребни за склучување брак. Дури под силниот меѓународен притисок кралската куќа во Ријад ги промени своите првични верзии и призна дека колумнистот на „Вашингтон пост“ е убиен во конзулатот, но наводно непланирано, во текот на ескалирана кавга.
Веднаш потоа турскиот дневен весник „Сабах“, близок до претседателот Реџеп Таип Ердоган, објави фотографии на 15-мина Саудијци кои пристигнале во Истанбул заради извршување грабнување или убиство на Кашоги. Посебно внимание меѓу нив привлече еден форензичар, Салах Мухамед ал Тубаиги, зашто ако убиството не било планирано, зошто Ријад би испраќал патолог? Тонските снимки од саудискиот конзулат до кој стигнале турските служби потврдуваат дека Кашоги е убиен. Неговото тело не е најдено.
Трамп под притисок
Државното обвинителство на Саудиска Арабија започна постапка против петмина обвинети за кои се бараат смртни казни. Еден од убијците кои по задача допатувале во Истанбул наводно по враќањето во татковината загинал во сообраќајна несреќа. Според верзијата на обвинителството, а во која малку кој верува, принцот Мохамед бин Салман не знаел за злосторството.
САД планираат санкции против 17 државјани од Саудиска Арабија, но првите информации велат дека меѓу нив не се членови на кралското семејство. На листата наводно ќе се најдат бивш висок советник на престолонаследникот и генералниот конзул на земјата во Турција.
Доналд Трамп, кој на почетокот на својот мандат договори рекордна продажба на оружје на Саудиска Арабија, исто така е под сѐ поголем притисок за посилно да се дистанцира од омилените сојузници на Блискиот Исток.
Апсени, мачени, убивани
Поради тоа што ја работат својата работа, новинарите се на мета на влади, нарко банди или екстремисти. По повод светскиот ден на Слободата на медиумите потсетуваме на дел од нив, од Мексико преку Македонија до Бангладеш
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A.Naveed
Турција: Дениз Јуџел
Германско-турскиот новинар Дениз Јуџел од февруари 2017 година е во затвор во Турција. Обвинет е за ширење терористичка пропаганда и бунт. Докази за тоа не се доставени. И покрај острите критики од Германија, турскиот претседател Ердоган најави дека Јуџел нема да биде ослободен. Повеќе од 140 новинари се уапсени во земјата по неуспешниот пуч минатата година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Merey
Русија: Николај Андрушченко
Непознато лице го претепа Андрушченко на улица во Санкт Петербург. На 19 април годинава, 73 годишникот им подлегна на повредите. Андрушченко пишуваше за кршење на човековите права и криминал. Во неговиот последен документарец говореше за тоа дека Владимир Путин на власт дошол благодарение на врските со криминалците и КГБ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Usov
Бангладеш: Авијит Рој
„Мукто- Мона“, „слободен дух“, така се викаше блогот на критичарот на Исламот Авијит Рој. За себе говореше дека е „секуларен хуманист“ поради што го предизвика бесот на исламистичките екстремисти во Бангладеш. Рој живееше во САД. Кога во февруари 2015 дојде на саем на книги во Дака, фанатици го расекоа со мачети. Блогерите се постојана мета на екстремистите во Бангладеш.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. U. Zaman
Мексико: Мирослава Брич
На 23 март 2017, Мирослава Брич беше убиена со осум истрели во глава од платен убиец. Новинарката известуваше за корупција и злосторства на нарко-картелите. Убиецот оставил порака „За предавничката“. Брич е трета новинарка убиена во Мексико во март годинава.
Тој важеше за единствениот политички затвореник во Југоисточна Европа: Кежаровски се најде во неволја затоа што објави делови од интерен полициски извештај работејќи на расветлувањето на смртта на еден друг новинар.Во октомври 2013 година, по сомнителен судски процес, осуден е на четири и пол години затвор. Подоцна е осуден на две години куќен притвор, за што во моментов пишува книга.
Фотографија: DW/K. Blazevska
Ирак: Шифа Гарди
Репортерката Гарди загина на 25 февруари на боиштето во северен Ирак при експлозија на мина. Родената Ирачанка работеше за курдската новинска агенција Рудав во Ербил и известуваше за борбите меѓу ирачките сили и Исламската држава. Во околината на Мосул, терористите на ткн. Исламска држава постојано киднапираат, протеруваат и убиваат новинари.
Фотографија: picture alliance/dpa/AA/F. Ferec
Саудиска Арабија: Раиф Бадави
Саудискиот активист беше осуден на десет години затвор и 1.000 удари со камшик. Бадави е во затвор од 2012 година поради „навредување на Исламот“. Во јануари 2015 за првпат беше јавно камшикуван. Во светот беше покрената кампања за негово ослободување, а режимот ја суспендираше казната. Неговата сопруга Енсаф Хајдар и децата добија азил во Канада.
Фотографија: Imago/C. Ditsch
Узбекистан: Салијон Абдурахманов
Од 2008. година Абдурахманов е во затвор, поради наводно поседување дрога. Владата на критичарите им подметнува дрога за да ги замолчи, тврдат од организацијата Репортери без граници. Гревот на Абдурахманов е што за независни портали и за Гласот на Америка пишуваше за корупцијата, човековите права и заштита на животната средина.
Кина: Гао Ју
Новинари, блогери и активисти кои го критикуваат режимот, во Кина се под голем притисок. Така и поранешната соработничка на Дојче Веле беше уапсена во 2014 година. Поради наводно објавување на државни тајни во 2015 беше осудена на седум години затвор. Благодарение на меѓународниот притисок пуштена е од затвор и казната ја издржува во домашен притвор.
Фотографија: DW
Азербејџан: Мехман Хусеинов
Тој објавува политички интернет магазин во кој пишува за корупција и кршење на човековите права. Мехмед Хусеинов е еден од најпопуларните видео блогери во Азербејџан. Со кампањата „Лов на корумпирани функционери“ обвинува високи функционери на Азербејџан за корупција. Повеќе пати е изложуван на закани, а во март 2017 е осуден на две години затвор поради клевета.