1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Сослушување на „сајбер бароните“

ЕМФ / дв
30 јули 2020

Невообичаено сослушување во американскиот Конгрес: шефовите на четирите технолошки гиганти - Амазон, Епл, Фејсбук и Гугл пет часа беа изложени на непријатни прашања во врска со нивната пазарна моќ.

USA Washington | Chefs von Tech-Konzernen wehren sich gegen Wettbewerbsvorwürfe
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kyodo Foto/MAXPPP

Американскиот Конгрес зазема остар став кон американските технолошки гиганти, што за последица може да има ограничување на нивната пазарна моќ. Сослушувањето го убедило дека овие концерни во нивната денешна форма имаат „монопол“, изјави претседателот на Поткомисијата за поттикнување на конкуренцијата и економско право Дејвид Сисилејни. „Некои треба да се разбијат, други мора да се регулираат соодветно“, рече тој. Според Сисилејни, контролата на пазарот која ја имаат овие концерни, им овозможува да ја потиснат конкуренцијата. „На тоа мора да му се стави крај“, оцени тој. Поткомисијата, која припаѓа на Комисијата за правосудство, сега би требало да подготви извештај со препораки.

Дејвид Сисилејни, претседател на Поткомисијата за поттикнување на конкуренцијата и економско право Фотографија: picture-alliance/CNP/AdMedia/G. Jennings

Различни интереси

Демократите и републиканците притоа следат различни интереси. Во прашањата на демократските пратеници стануваше збор пред се’ за обвинувањата за нефер натпревар со конкурентите. Републикаците, пак, забележуваа дека онлајн-компаниите ги потиснувале конзервативните гледишта и ставови. Тоа, меѓу другото, го тврди постојано и американскиот претседател Доналд Трамп. Тој на Твитер се закани дека ќе преземе мерки против технолошките концерни во рамките на своите претседателски овластувања доколку Конгресот не постапи доволно остро.

Џеф Безос беше преплавен со прашања околу тоа дали Амазон користи податоци од трговци кои продаваат на платформата на концернот, за потоа да им прави конкуренција со сопствени понудиФотографија: picture-alliance/newscom/M. Ngan

Така, шефот наГугл, Сунад Пичаи, од страна на пратеникот Грег Стуби беше прашан зошто неговите мејлови од кампањата кај неговиот татко завршуваат во „спем-поштата“. Пратеникот Џим Џордан од Пичаи бараше уверување дека интернет концернот нема да му помага на демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден.

Демократите ги испрашуваа и критикуваа пред се’ основачите и шефови на Фејсбук и Амазон, Марк Закерберг и Џеф Безос. На пример, Безос беше преплавен со прашања околу тоа дали Амазон користи податоци од трговци кои продаваат производи на платформата на концернот, за потоа да им прави конкуренција со сопствени понуди. Шефот на Амазон одговори дека постојат интерни правила кои се против такво нешто, но тој не може да гарантира дека таквите правила никогаш не биле прекршени.

Признание на Закерберг

Во случајот на Фејсбук, конгресмените се концентрираа на прашања околу преземањето на Инстаграм и на Вацап од страна на концернот. Пратеникот Џозеф Негус го принуди Закерберг да каже дека Инстаграм и Вацап не само што ја дополниле понудата на онлајн-мрежата, туку дека биле и конкуенти. Пратениците на првиот човек на Фејсбук му приложија интерни имејл пораки од врвни менаџери во неговиот концерн. Во еден документ Закерберг на денот на купувањето на Инстаграм во 2012 година ја опишува фирмата како „закана“. Закерберг објасни дека на Инстаграм тогаш се гледало само како на мала апликација за размена на фотографии, која не му била конкурент на Фејсбук. Пратеникот Негус на Закерберг потоа му покажа мејл од шефот на финансии на Фејсбук од 2014 година, во кој стратегијата за преземање на концернот се нарекува „присвојување територија“. „Ние за тоа имаме збор, а тој гласи - монопол“, рече Негус.

Основачот и шеф на Фејсбук, Марк Закерберг, беше принуден да каже дека Инстаграм и Вацап не само што ја дополниле понудата на онлајн-мрежата, туку дека биле и конкуентиФотографија: picture-alliance/newscom/M. Ngan/G. Jennings

Шефот на Епл, Тим Кук, во споредба со Закерберг, беше изложен на помалку тешки прашања. Тие се вртеа пред се’ околу тоа дали Епл во својата платформа за симнување ги става во понезавидна позиција понудувачите на конкурентски апликации.

„Ставете ја маската!“

Четворицата врвни менаџери беа вклучени на сослушувањето во Вашингтон преку видео-конференција поради коорона-кризата. Шефовите на концерните мораа да дадат уверување дека зад камерата не им помагаат нивни соработници. Пратениците, пак, кога не зборуваа, мораа да носат маски. „Ставете ја маската“, беа опоменувани повеќепати.

Уште од почетокот на сослушувањето стана јасно дека пратениците се многу критички настроени кон онлајн-концерните. „Нашите основачи не му се поклониле на кралот, па и ние не треба да се поклонуваме пред царевите на онлајн-економијата“, рече демократскиот политичар Сисилејни. Демократот Џејми Раскин, алудирајќи на т.н. „бароните ограбувачи“ - моќни и безобѕирни американски капиталисти од 19 век, на сослушувањето зборуваше за „сајбер барони“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми