Сведоците на воените злосторства без заштита
19 февруари 2013Во Окружниот суд во Бјелина актуелно е судењето на четворица обвинети за воени злосторства во логорот Батковиќ. Обвинетите се бранат од слобода. Едно од лицата кое е обвинето за претепување до смрт во ходникот седи до сведокот кој треба да сведочи против него. „Срдечно“ разговараат, а потоа во текот на сослушувањето сведокот не успева да се сети на неговиот лик.
Судот во Бјелина е само еден пример за недостатокот на заштита за сведоците во БиХ во случаите кои се водат како воени злосторства.
Слична е состојбата и во Брчко, каде нема служба за поддршка на сведоците. Локалниот жител Џафер Џероњиќ биле тепан и малтретиран во логорите во близина на Брчко и Бјелина. Освен тешките психички последици го загубил и видот на едно око. Но вели дека не се плаши да сведочи.
„Но има многу луѓе кои, откако ќе им стигне повик, велат дека нема да сведочат. Јас говорам од лично искуство. Ни јас немам никаква заштита, а разликата од овде до Трибуналот во Хаг е како небо и земја“, вели Џероњиќ.
Сведоците препуштени на себе
Хурем Авдиќ од Бјелина живее и работи во Австрија. Имал 13 години кога во јуни 1992 година пред неговите очи го убиле татко му, а потоа ги силувале сестра му и бремената сопруга на брат му. Тој сведочел во Белград на судењето на злосторниците и носи позитивни искуства.
„Ние имавме максимална заштита што се однесува до пристигнувањето до Судот, за да не се сретнеме со обвинетите. Кога сестра ми требаше да даде изјава, ние баравме таа да не се среќава со обвинетите. За време на целиот процес, обвинетите беа во притвор“, вели Авдиќ.
Бранко Тодоровиќ, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Српска вели дека правосудството во БиХ, со делумен исклучок на Судот на БиХ, не исполнува ниту минимум елементи за заштита и поддршка на сведоците. Тој тврди дека сето тоа се вклопува во поразувачкиот тренд на недостаток на каква било политичка поддршка за независно судство.
Нема поддршка од државата
„Многу сторители на најтешки воени злосторства ќе останат или останаа неказнети поради тоа што не им се пружа никаква помош на сведоците. Секако треба да имаме предвид дека сведоците најчесто и самите се жртви, и дека многу често се работи за повратници кои и онака живеат во несигурност и дека многу често се среќаваат на улица со сторителите на злосторствата“, вели Тодоровиќ.
И во мисијата на ОБСЕ во БиХ се свесни за недостатоците на правосудството. Претставничката на ОБСЕ Маја Маричиќ вели дека во конкретни случаи таквата состојба придонела и за повторна трауматизација на сведоците, како и за неможност да се обезбедат докази кои се од клучно значење.
Според неа, од клучно значење е органите на власта во БиХ да превземат конкретни чекори со кои надлежните судови и обвинителства ќе се опремат со неопходни ресурси за процесуирање на воените злосторства.