1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаТурција

„Демонстрација на моќ на Ердоган“

Панајотис Купаранис
11 јули 2020

„Ердоган сака да покаже дека Турција е голема сила и оти не се плаши од никого. Мотиви се и национализмот и фундаменталниот исламизам“, вели теологот Константин Николакопулос за претворањето на Аја Софија во џамија.

Türkei Gericht ebnet Weg zur Umwandlung der Hagia Sophia
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Аја Софија повторно ќе биде џамија. Така одлучи Врховниот управен суд на Турција, со што е поништена одлуката на основачот на модерната држава, Кемал Ататурк, кој овој храм во 1934 година го направи музеј. Раскошната градба во Истанбул 9 века беше централна византиска црква, сѐ до падот на Цариград во 1453 година, кога во периодот на Османслиското царство беше џамија.

Сегашната одлука на судот нема врска со религиозни прашања, ни вели Константин Николакопулос, професор по православна теологија. „Оваа одлука е продолжеток на политиката на провокации која турскиот претседател Ердоган ја следи во последните години", вели теологот.  

Професорот НиколакопулосФотографија: privat

Тој е свесен дека промената на намената на Света Софија ќе ги погоди сите христијани, особено православните. „Ова е всушност насочено против целиот западен свет. Тоа е демонстрација на моќ“, вели Николакопулос, кој предава на минхенскиот Универзитет Лудвиг Максимилијан. „Ердоган сака да покаже дека Турција е велесила и оти не се плаши од никого. Секако дека во мотивите спаѓаат и национализмот и фундаменталниот исламизам“, додава тој.

Повеќе:

-Света Софија ќе стане џамија – шаховски потег на Ердоган за останување на власт

-„Срдечни честитки“ од Ердоган: Света Софија ќе стане џамија

Професорот вели дека протестот однадвор, на пример од Франција и од Русија, дошол предоцна и бил премногу благ. „А Германија избегна да зазеде јасна позиција. Унеско дури во четвртокот објави соопштение во кое од Ердоган бара, а ја би рекол дека го моли, да не го прави тоа. А притоа сите знаеjа уште од 2 јули кога судот објави дека турскиот претседател со едноставен потпис може ја претвори Аја Софија во џамија".

Николакопулос верува оти Света Софија навистина ќе биде користена како џамија, и дека УНЕСКО и некои држави можеби ќе можат да договорат во одредени денови во неделата и натаму да биде отворена како музеј.
 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми