1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Шаховски потег на Ердоган за останување на власт

Еркан Арикан
10 јули 2020

Исламско-конзервативните Турци се одушевени од одлуката на Врховниот управен суд. Но, само тие. Зашто, оваа одлука е неспоива со принципите на правна држава, смета Еркан Арикан

Türkei Gericht ebnet Weg zur Umwandlung der Hagia Sophia
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Моите родители, двајцата имаат одено на аџилак во Мека, ме воспитаа според исламските вредности. Да, јас сум муслимански верник, фала му на бога! Но, во моето воспитување значајна улога играа и вредностите на Мустафа Кемал Ататурк. Оттаму, за мене и за моето семејство лаицизмот, раздвојувањето на државата и религијата, кое Ататурк ѝ го донесе на Турција, е голема придобивка и големо добро.

Како побожен муслиман не можам никако да ја разберам одлуката на Врховниот управен суд на Турција. Се прашувам, кое право ги навело судиите да дозволат пренамена на Света Софија во џамија. Света Софија е архитектонско ремек-дело, кое ги обединува културите и религиите во светот. Сега на тоа му се става крај. Тоа нема никаква врска со принципите на владеење на правото.

Зачувување на власта по секоја цена

Одговорот- зошто највисоките управни судии донесле таква одлука ( или морале да донесат), повторно треба да се бара во политиката. Економијата во Турција не само да боледува, таа е речиси на дното. Речиси секој сектор во земјата е погоден од пандемијата. Невработеноста се движи брзо нагоре. Ердоган сѐ повеќе е под притисок. Што може да направи еден исламско-конзервативен претседател за да го придобие повторно своето осипувачко гласачко тело? Како да ги мобилизира избирачите?

Нова воена офанзива заради апелирање кон националната свест? Во никој случај, тоа е премногу скапо! И пред сѐ – против кого да се бори армијата? Предвремени избори?­ Премногу опасно, зашто актуелните анкети не предвидуваат јасен успех на Ердоган.

Но, што би било ако се анулира придобивката на Ататурк? Тоа е решението! Побожните муслимани да се допрат токму таму каде реагираат најимпулсивно, да се апелира на религиозните чувства!

Зашто, за оваа група од населението, Света Софија по освојувањето на Константинопол од страна на Османлиите отсекогаш била џамија. Кога Ататурк во 1935 година, откако Света Софија речиси 400 години служела како џамија, ја претворил во музеј, испратената порака гласела: Турција е модерна секуларна држава! Но, тоа на Ердоган му е сеедно, за него е важна само власта. И тоа по секоја цена.

Еркан АриканФотографија: DW/B. Scheid

Зошто е потребна уште една џамија во Истанбул?

Откако денеска за петочната молитва од минарето на Света Софија се чу повикот на муезинот и толпата луѓе пред вратите почнаа да плачат, да го фалат Ердоган и нему да му благодарат за оваа одлука, искрено речено, останав без зборови. Ова сето е повеќе отколку обична провокација.

Повеќе:

„Срдечни честитки“ од Ердоган: Света Софија ќе стане џамија

Планот на Ердоган - Света Софија да ја претвори во џамија

Света Софија: денес музеј, утре џамија?

Без оглед што сега првенствено убедените поддржувачи на џамијата се оние кои ја сллават одлуката на судиите, во Истанбул има и многу луѓе кои си го поставуваат прашањето: Што ќе ни е уште една џамија? Ова прашање е навистина оправдано, зашто Истанбул, град со преку 15 милиони жители, мѓу кои се од сите религии, има веќе 3.200 џамии. И сосема искрено: не сите овие 15 милиони жители се молат петпати дневно во верски објект. А колку цркви има уште во секуларна Турција? Многу помалку!

Јазовите во Турција се продлабочуваат

Долго време се надевав дека Ердоган некогаш повторно ќе успее да го обедини народот. Дека ќе стане државник кој ги почитува и ќе ги продлабочи вредностите кои ги застапуваше на почетокот на неговата национална политичка кариера како премиер. Но, оваа надеж за жал ќе остане само уште во моето срце. Реалноста изгледа сосема поинаку: претседателот насекаде предизвикува поделби. Јазовите стануваат сѐ подлабоки.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј, врховен поглавар на православната црква,се изјасни стриктно против претворање на Света Софија во џамија. Света Софија е еден од најзначајните споменици на човечката цивилизација и не им припаѓа само на непосредните сопственици, туку на целото човештво, изјави тој. Но, Ердоган преминува преку ваквите зборови и размисли. За него е важно само едно: власт и останување на власт. Можам само да се надевам дека сметката за тоа што Света Софија повторно е претворена во исламски верски објект, нема да мораат да ја платат муслиманските малцинства надвор од Турција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми