Бугарскиот митрополит Антониј на аеродромот во Софија ќе му го предаде Благодатниот ерусалимски оган на македонскиот митрополит Иларион, по што огнот ќе биде разнесен до сите храмови во пресрет на Христовото Воскресение.
Фотографија: MIA
Реклама
Македонската православна црква - Охридска архиепископија годинава ќе го добие Благодатниот ерусалимски оган со помош на Бугарската православна црква. По 13-ти пат бугарски духовници ќе заминат во Ерусалим, од каде во предвечерјето на Воскресението Христово ќе го донесат Светиот оган. Делегацијата ќе биде предводена од Западно и Средноевропскиот митрополит на БПЦ, Антониј. По неговото враќање од Ерусалим кое се очекува во сабота околу 19:30 часот, Светиот оган на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на митрополитот на МПЦ-ОА, Иларион Брегалнички.
Досега од Солун
Светиот оган во Македонија досега стигнувал од Солун, благодарение на духовници од Бигорски манастир и нивни лични пријателства со претставници од Грчката црква. Тој пристигнувал во манастирот околу полноќ, кога треба да започне пасхалната богослужба, а пoтoa оттаму бил разнесуван низ целата земја.
„Точно десет години, откако по иницијатива и заложби на Свештената бигорска обител за прв пат Благодатниот ерусалимски оган беше донесен на Света Пасха од Грција во Македонија, годинава тој ќе пристигне во нашата земја преку Бугарија. Овој пат неговото пристигнување ќе биде организирано на официјално ниво меѓу двете цркви - МПЦ-ОА и БПЦ. Благодатниот оган на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на Митрополитот од МПЦ-ОА, Иларион Брегалнички, којшто ќе биде испратен со благослов од Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан. Веднаш потоа Митрополитот Иларион со хеликоптер ќе замине за Скопје, од каде што огнот ќе биде разнесен во православните храмови ширум Македонија“, велат од Бигорски манастир.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Божјо чудо
И бугарските медиуми ја пренесуваат веста дека Светиот оган ќе стигне во Македонија преку БПЦ. За првпат бугарски духовник го донел Светиот оган од Ерусалим во Бугарија во 2005 година. Годинава огнот ќе го донесе најмладиот бугарски митрополит, Антониј, кој за Ерусалим ќе отпатува со малиот владин авион „Фалкон“, со одлука на премиерот Бојко Борисов. Земањето на Светиот оган за првпат ќе биде директно пренесувано на Фејсбук-страницата на Бугарската православна црква.
„Заедно со Ерусалимскиот патријарх ќе се упатиме кон храмот на Воскресението и пред Светиот олтар, каде со молитва ќе го чекаме слегувањето на Благодатниот оган“, вели бугарскиот митрополит Антониј.
Благодатен или Свет оган се нарекува огнот кој самиот слегува, односно самиот го пали кандилото на пресветиот гроб, без човечка интервенција. Се смета за постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота на Господовиот гроб во Ерусалим. Според Црквата, постојат сведоштва дека со чудесното палење на кандилото на пресветиот гроб, понекогаш истовремено се палат и други кандила, како и свеќи што ги држат поклониците. На Велика Сабота ерусалимскиот патријарх влегува во Светиот олтар за да го земе огнот, и од тоа кандило пали четири снопчиња со по 33 свеќи. Потоа со нив им го дели огнот на присутните верниците и на официјалните црковни делегации што доаѓаат од целиот свет. Секоја година на Велика Сабота во храмот на Господовиот гроб се собираат поклоници кои лично сакаат да го видат слегувањето на Благодатниот оган. Покрај оние кои се во храмот, најмалку десет илјади луѓе го исполнуваат просторот околу него.
„Среќни сме што нашите верници и оваа година ќе можат да земат дел од таа божествена честичка на Благодатниот оган. Тоа е еден голем дар за сите христијани. Но, и оние кои ја немаат можноста да заплат свеќа од Благодатниот оган, треба да знаат дека таа се пали во нивните срца“, вели митрополит Антониј.
Велигден во Македонија, архиваФотографија: MIA
Простување и покајание
Сите македонски храмови деновиве се подготвуваат за прославата на Христовото Воскресение. Во пресрет на големиот празник, поглаварот и Светиот Синод на МПЦ-ОА испратија Велигденско послание до верниците.
„Со Воскресението добија смисла и небото и земјата, и човекот и светот, и времето и вечноста (...) Кога веќе ни е откриен вечниот живот, да не бидеме упорни во омразата и злото, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението. Да се молиме во мир, но и со мир да излегуваме во светот, зашто не би можеле вистински да се радуваме ако сè уште грешиме и ако не сме помирени со Бога. Не може да има правда, доколку другите ги онеправдуваме, ниту мир - доколку самите не сме исполнети со мир! Нашиот живот треба да стане воскресение, и тоа по мерата на нашето покајничко преобразување во кое ќе се покажеме мртви за гревот, а живи за Бога во Христа Исуса, нашиот Господ“, се вели во посланието на МПЦ-ОА, која годинава ја одбележува илјадагодишнината на Охридската архиепископија.
Велигденски обичаи
Велигден е најважниот празник на христијанските цркви. Најпознатите велигденски симболи и обичаи меѓутоа само делумно имаат религиозна заднина.
Религија и народни обичаи
Велигден е најважниот празник на христијанските цркви. Најпознатите велигденски симболи и обичаи меѓутоа само делумно имаат религиозна заднина. Велигденските јајца, велигденските зајачиња и велигденското јагне со столетија се одомаќинија како народни обичаи и се претопија со паганските обичаи. Дека Велигден е празник на воскреснувањето на Исус Христос, знаат се’ помалку Германци.
Фотографија: st-fotograf - Fotolia.com
На Велики четврток
католичката црква потсетува на Тајната вечера, која Исус ја прославил со своите следбеници. Тука го скршил лебот и со сите пиел од една чаша. Ритуалот прерасна во централна христијанска прослава при богослужбите и е многупати овековечен во уметничките дела и црковните песни.
Фотографија: imago stock&people
Велики петок
потсетува на смртта на Христос. На некои места во таа чест се одржуваат процесии кои го претставуваат патот на страдањето на Исус. Велики петок во католичката црква е ден на голема жалост. Тој е ден од велигденските празнувања, кои траат до ноќта на Велигден. Религиозната традиција, во петок да не се јаде месо, се поврзува со Велики петок.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденски јајца
Нема Велигден без шарени јајца. Според традицијата, родителите ги скриваат јајцата во недела на Велигден, за децата да ги бараат. За христијаните јајцето е симбол на воскреснувањето. За време на постите уште од средниот век било забрането јадење на месо и јајца. За да не пропаднат, јајцата се вареле, се кителе и честопати се подарувале.
Фотографија: Fotolia/anoli
Велигденско зајаче
Биолошки нема смисла зајак да носи велигденски јајца. Но тоа одговара на годишното време и се смета за предвесник на пролетта. Освен тоа, поради многубројниот подмладок, тој е стар симбол за плодноста. Во минатите столетија исто така и кокошките и штрковите носеа голем број подароци. Денес нив ги носи само зајачето: пред се’ шарени јајца, и спротивно на порано, многу слатки.
Фотографија: picture-alliance/ZB
Велигденско јагне
Велигденското јагне се поврзува со еврејски ритуал, на празникот Пасха се коле јагне. Обичајот потсетува на отселувањето на израелските племиња од Египет. Нивните врати ги одбележуваа со крв од јагниња, за заштита од смрт. Во христијанството јагнето е симбол за невиното страдање на Исус. Но, кога станува збор за велигденкото јагне како колач, оваа приказна речиси и да не е присутна.
Фотографија: Fotolia/Thomas Geuking
Велигденска свеќа
Првично велигденската свеќа ја осветлуваше богослужбата на велигденската ноќ. Нејзината светлина е симбол за просветлување на верниците со враќањето на Христос во живот. Таа ја симболизира победата на Исус над смртта и умирањето. Со велигденската свеќа се палеа сите други свеќи. На тој начин просветлувањето симболично се предава.
Фотографија: AFP/Getty Images
Велигденски оган
Обичајот за велигденски оган го знаеа уште старите Германи. Оганот што пламти требаше да ја истера зимата со нејзините одрекувања, но и духовите и демоните. Освен ова сјајот на огнот требаше да донесе среќа. Денес огнот го палат семејствата и селските заедници во внатрешноста, за заеднички да го прослават Велигден.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденски ѕвона
В недела на Велигден црковните ѕвона ја објавуваат радосната вест за воскреснувањето. Во католичките цркви тие престанаа на бијат на Велики четврток. Во некои католички региони тогаш децата ѕвечкаат и тропаат по улиците и ги потсетуваат верниците на молитва и одење в црква.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденска вода
Некои обичаи - како земање велигденска вода - се речиси изумрени. Ноќта пред неделата на Велигден млади жени црпат вода од река. Велигденската вода се смета за симбол на животот. Таа треба да ги одржува луѓето млади и убави и ја поттикнува плодноста, ако се молчи по патот, на идење и на враќање. Кај словенското малцинство Сорби во источна Германија овој обичај се’ уште постои.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кршење со јајца
Победува оној кај кого јајцето останува цело. Кршење со велигденски јајца е омилена игра при појадокот на Велигден, во различни региони на Германија. Пред се’ во Баварија и Рајнската област. Обичај без никаква религиозна поврзаност и заднина.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденска прошетка
Она што денес се смета за освежување по велигденското јадење, има традиционална заднина. При велигденската прошетка се поздравува пролетта и расцветаната природа, по долгата и студена зима. Поетот Гете ја има овековечено во една позната песна. Денес на традиционална велигденска прошетка канат пред се’ црковните заедници.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденски маршеви
Првиот велигденски марш во Германија се одржа во 1960 година. Оттогаш тие се традиција овде. Првично учесниците протестираа против планираното вооружување на Бундесверот со атомско оружје и воопшто атомското вооружување во периодот на Студената војна. Денес во демонстрационите поворки се здружуваат различни мировни групи и заштитници на природата.