Светлата иднина на Балканот допрва доаѓа
15 септември 2010Меѓународниот фестивал во Берлин има политички карактер, а во неговиот фокус во наредните десет дена ќе се најдат земјите од источна Европа. Ќе бидат организирани бројни дискусии на актуелни теми и проблеми во источна Европа, почнувајќи од балтичките земји, преку Русија и Украина, па се‘ до Балканот, вели директорот на фестивалот Улрих Шрајбер: „Од 20 земји од источна Европа повикавме бројни книжевни автори, но и политички ориентирани новинари и научници со кои на пример можеме да дискутираме за културолошката иднина на земјите од поранешна Југославија, или за соочување со последиците од сталинистичката политика во земјите од поранешниот Советски Сојуз“, вели Шрајбер.
Балканот повеќе не е „непозната земја“
Од земјите од Балканот најбројни се авторите од Србија, но застапени се писатели и поети од сите земји од регионот.
Селекцијата и изборот на книжевниците од источна Европа го направи германската лекторка Катарина Рабе, која веќе подолго време ја изучува литературата на источниот дел на Европа: „Дваесет години по новата поделба на Европа, Истокот веќе не е ’Тера инкогнита’ односно ’непозната земја’. Многу автори од истокот во последните 20 години се прославија на меѓународната книжевна сцена. Затоа треба да ја искористиме оваа шанса и да ги обединиме нашите искуства по принципот: кои беа, а кои се се’ уште големите теми? Кои се неизлечивите наследства во источна Европа кои не‘ засегаат и нас на Запад? И, кои се новитетите што настануваат?“
Новото доба за Балканот допрва доаѓа
Рабе вели дека најголеми рани и натаму носат земјите од поранешна Југославија, но и Русија која има нерешлив проблем со Чеченија.
Во таа насока, ќе биде организирана дискусија за иднината на земјите од Западен Балкан по 2014 година, за која организаторите на фестивалот веруваат дека е магичен датум, бидејќи меѓу 1914 и 2014 зад регионот остануваат две светски војни, заборавената оптимистичка декада на 30 години, социјалистичкиот период на релативна благосостојба и серијата грозоморни војни и распади.
Меѓународниот фестивал во Берлин трае десет дена, а минатата година го посетија 28 илјади љубители на книжевноста.
Автор: Селма Филиповиќ/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска