До климатските договори се доаѓа тешко преку мачни преговори - на климатската конференција во Бон нема да биде поинаку. Фиџи го предводи настанот и сака да му испрати порака на Трамп и други светски лидери
Реклама
Вообичаено, земјата која претседава со Конференцијата за климатските промени е и домаќин на истата. Но Фиџи, земјата која ја доби таа чест во 2017 година, не беше во можност да прими 25 илјади преговарачи, активисти и новинари кои доаѓаат на COP23 од целиот свет. Во прв ред, јужнопацифичката островска нација нема ни одблиску конгресен центар кој може да прими толку луѓе.
Оттука, од 6 до 17 ноември, сите патишта водат кон Бон, Германија, каде е и седиштето на агенцијата на ОН за климатските промени.
Фиџи е олицетворение на маката на островските држави
За Фиџи, земја со повеќе од 300 острови, климатските промени не се само тема за разговор - тие се директна закана за физичкиот опстанок на државата. Сабине Менингер, климатски експерт од невладината Леб за светот од Германија, е редовен посетител на Фиџи.
„Тие ќе ја искористат конференцијата за да ја апострофираат ранливоста на пацифичките островски држави. Тие се особено погодени од климатските промени и тоа преку растот на морското ниво, поради што Фиџи стана првата земја во светот која мораше да пресели цело село“, вели Менингер за ДВ.
Високо на агендата на COP23 е потврдата на Парискиот договор од 2015, со кој потписниците прифаќаат доброволни мерки за да го одржат глобалното затоплување под 2 степени Целзиусови. Тие се согласија и да зголемат целите во следните години. Досега, националните цели не се доволни за одржување на границата од 2 степени.
Бон, глобално еко-село
01:27
Германската министерка за екологија во заминување Барбара Хендрикс вели дека очекува да се преземат чекори за исполнување на Парискиот договор. „Тоа можеби звучи неспектакуларно. Но се работи за нов, светски закон, кој беше усвоен во декември 2015. Затоа, сега се потребни правила за интерпретација“, вели Хендрикс за ДВ.
Речиси сите членки на ОН се согласни со договорот. Само Турција, Русија и Иран сѐ уште не го ратификувале. А потоа, тука е големиот исклучок на САД.
Сенката на Трамп
Отфрлањето на климатските промени од страна на Доналд Трамп фрла темна сенка врз конференцијата. Годинава, американскиот претседател најави повлекување од договорот. Сепак, повлекувањето нема да се случи пред 2020 година, па оттука, во Бон ќе пристигне и американска делегација.
„Задоволна сум затоа што државниот секретар Рекс Тилерсон е многу балансирана личност. Сигурна сум дека американската делегација нема да ги кочи преговорите“, вели Хендрикс.
Иако преговорите започнуваат денеска, шефовите на држави и влади и министрите се очекуваат дури кон средината на следната недела. Меѓу нив, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Изолацијата на најмоќната светска држава во светот по ова прашање, ја става Германија на челната позиција во поглед на заштитата на климата. Но, нејзините постигнувања дома се мешани.
Германија (не) е лидер!
Емисиите на штетни гасови во Германија растат. Земјата троши премногу јаглен и најверојатно нема да ја оствари целта за намалување на емисиите за 40 проценти од нивото во 1990 година до 2020 година.
Хендрикс инсистира дека Германија и натаму е меѓународен лидер во заштитата на климата, делумно и поради нејзината улога во намалувањето на трошоците за обновливата енергија во последните децении.
Германските еколошки активисти се поскептични. Многумина веруваат дека германскиот имиџ како заштитник на климата ќе колабира поради неисполнувањето на целите.
„Тоа најмногу се должи на тоа што во Германија, индустријата за јаглен успеа да ја саботира енергетската транзиција“, вели Јан Ковалциг, климатски експерт од Оксфам. Тој вели дека Германија ќе ги исполни целите за 2020 година само доколку новата влада комплетно се откаже од јагленот.
Сепак, на меѓународно ниво, Германија би можела да предводи друго важно постигнување на конференцијата, со нејзиниот план за климатско осигурување на околу 400 милиони луѓе на глобалниот југ. Идејата веќе беше претставена на претходните конференции - и можеби ќе се реализира во Бон.
Растечката пустина
Плодната почва исчезнува, огромни површини земјиште еродира. Преку својата конвенција за борба против опустошувањето (дезертификацијата), ОН се обидуваат да го запрат ваквиот развој.
Фотографија: DW/Stefan Dege
Суви пространства
Камен, песок и солени пустини- речиси една третина од површината на земјата е скудна, неплодна земја- површина која постојано се зголемува. Поголемиот дел се создал низ илјадници години, како на оваа фотографија на која е планините Хогар во Алжир. Но денес ширењето на пустините е резултат на односот на човекот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Суво, и станува посуво
Со дезертификацијата се означува пресушената земја. Тоа особено се случува во региони кои веќе се жртви на суша, како делови на Африка, Америка и Азија. Ова житно поле во Тексас (САД) не ја преживеа големата суша која се случи во летото 2011.
Фотографија: Getty Images
Зависи од луѓето
Околу 70 илјади квадратни километри пустини се создаваат секоја година- регион со големина на Ирска. Освен климатските промени, во прв ред виновни се луѓето за ширењето на пустината. Земјоделците, како овие во Бразил, во иднина ќе мораат да се адаптираат на промените во климата и да засадуваат одржливи култури.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Прекумерното пасење води кон суша
И преголемиот број животни ја пресушува земјата. Тие ги преживаат последните мали растенија, па земјата повеќе нема заштита од ветер и вода. Кога ќе настапи суша, тоа набрзо води кон опустошување: земјата станува кревка и слаба и брзо пропаѓа.
Фотографија: DANIEL GARCIA/AFP/Getty Images
Премногу фарми
Веќе раширената суша им је отежнува работата и на фармерите- како на ова житно поле во Мексико. Не помага ни тоа што полињата често не се одржуваат добро. По жетвата, не и се дава време за опоравок што и е потребно пред следната сеидба. Резултатот е што земјата губи хранливост и помалку растенија растат- што пак води кон ерозија.
Фотографија: Ofelia Harms
Исчезнуваат и шумите
Бројот на дрвјата исто така драматично се намалува. Поради потрагата по горива, дрво, за проширување на обработливото земјиште или живеалишта, луѓето ги сечат дрвјата и ги уништуваат шумите. Дрвјата ја спречуваат ерозијата на земјиштето од водата или ветрот. Но, со нивното сечење земјата станува ранлива- и брзо пресушува.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вода, вода насекаде...
Населението расте, а со тоа се зголемува и конзумацијата на водата. Последниве 50 години, тоа е двојно зголемено. Делумно, тоа е резултат и од интензивната земјоделска иригација, со што резервите на вода драматично се намалија.
Фотографија: AFP/Getty Images
Верижна реакција за екосистемот
Откако опустошувањето ќе започне, тоа предизвикува верижна реакција: бидејќи посевите се уништени, водата исчезнува а земјата се суши. Земјата станува солена и тешка, како тука во Индија. Тешко е потоа да се спаси вакво пресушено земјиште.
Фотографија: AP
Далекусежни последици
Опустошувањето не само што води кон уништување на екосистемот, туку последиците се уште подлабоки. Може да води кон уништување на животински видови, сиромаштија, глад и недостаток на вода- што сето води кон суша. Во западноафриканските земји, како тука во Буркина Фасо, ширењето на пустината има катастрофален ефект врз луѓето. Се работи за ѓаволски круг.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Повторно оплодување на сувата почва
Повторното оплодување на почвата е можно, но многу скапо. Најчесто, пошумувањето се смета за добар начин да се поврати вегетацијата. Новите дрвја, како тука во Доминиканската република се садат за да се заштитат планините од ерозија. Досега, успехот на ваквите проекти на светско ниво беше умерен.
Фотографија: DW / Sascha Quaiser
„Најголемиот еколошки предизвик на нашето време“
Конвенцијата на ОН за борба против опустошувањето стапи во сила во 1996 година. Оттогаш, целта е да се поврати сувата земјата и да се спречи ширењето на пустината. На 17 јуни секоја година се одбележува борбата против опустошувањето (дезертификацијата).