1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светскиот поредок во кризен модус

Матијас фон Хајн
15 февруари 2017

Утре и задутре во Бон се состануваат министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г20. Германија како претседавач има амбициозен дневен ред.

Logo der deutschen G20 Präsidentschaft
Фотографија: Bundesregierung

Во светот се шират несигурност и немири - и тоа не само откако Доналд Трамп стапи на претседателската должност. Добро е тоа што постојат форуми на кои државите и нејзините водечки политичари на неформални средби можат да разменат мислења. Кога се вели неформални, се мисли на тоа дека на ваквите состаноци не се донесуваат обврзувачки одлуки.

Г20 е еден таков форум. Германија од 1 декември претседава со групата 20 најразвиени земји во светот и таквите форуми преку серија министерски конференции ги води до самитот кој во јули ќе биде одржан во Хамбург. Тој процес продолжува и со состанци на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г20 кои се одржуваат утре и задутре (16. и 17.2.) во Бон.

Африка во фокусот на состанокот

Германија на дневниот ред стави голем број теми. Покрај класичните, како што се слободната трговија, регулирањето на финансиските пазари и заштитата на климата, тука се и борбата против епидемиите во светот и севкупната здравствена заштита. На дневниот ред се и големите теми, како тероризмот, миграциите и бегалците и поврзано со тоа - поголема помош за Африка. Германија сака да ја придобие Г20 за план со кој на лице место би се зајакнала борбата против причините за миграциите.

Фотографија: AFP/Getty Images/P. Stollarz

Економистот и главен германски преговарач на самит Г7 и Г20, Ларс-Хендрик Ролер, на конференцијата посветена на Африка која на средината на јули ќе биде одржана во Берлин, ќе претстави иницијатива односно „понуда составена заедно со меѓународните институции и министрите за финансии и развој на замјите-членки на Г20 со која треба да се унапредат приватните инвестиции, посебно кога станува збор за инфраструктурата“. 

Клаудија Шмукер од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) вели дека меѓусебното запознавање и неформалните размени на мислења и информации ги сочинуваат вредностите на Г20: „Тоа посебно е важно кога станува збор за првите контакти со новиот американски претседател и неговиот став за важните теми. Трамп сите тие теми ги набљудува критички: слободната трговија, како и борбата против протекционизмот. Трамп исто така е против мултилатералните и меѓународни организации“.

Можеби и Ларс-Хендрик Ролер поради тоа пред ОН го истакна мултилатералниот ангажман на Германија: „За глобалните проблеми се потребни глобални решенија -Г20 би можела да помогне во тоа. Мултилатеризмот и соработката на подрачјата како што е трговијата, ќе бидат приоритет на германската влада“, истакнува Ролер. 

И предизборната кампања игра важна улога

Шмукер пак наведува дека „светската економија во моментов не е во добра ситуација“: „Имаме нов претседател на САД, при што не знаеме како би требало да се однесуваме со САД како партнер. Освен тоа, самитот на Г20 доаѓа релативно рано во јули, бидејќи во Германија претстојат избори во септември. Сето тоа ќе го отежне донесувањето на значајни одлуки“, смета Шмукер.

Фотографија: picture-alliance/AP Images/Y. Shimbun

Не е случајно тоа што Германија во изборна година ја извршува претседавачката функција. Хериберт Дитер од берлинската Фондација за наука и политика (СВП) тоа го набљудува критички: „Тоа има многу врска со предизборната кампања. Од перспектива на другите земји, Г20 ќе биде искористена во светот да се испратат убави слики од германската предизборна кампања. Тоа не е она што другите земји го очекуваат од земја која претседава со Г20.“

Се очекуваат демонстрации

Уште и пред состанокот на министрите за надворешни работи од Г20 се најавени демонстрации, а за време на самитот во Хамбург протестите ќе бидат и далеку помасовни. Со цел демонстрантите да бидат задржани подалеку од местото на одржување на самитот на Г7 во 2015 година протестите можеа да се одржуваат далеку од дворецот Елмау во Баварија кој беше заштитуван од 24 илјади полицајци. Германија во 2008 година беше домаќин на самитот на Г8 кој беше одржан во одморалиштето на Балтичкото Море Хајлигендам. Годинава ризикот е значително поголем затоа што самитот се одржува во милионската метропола Хамбург.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми