1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Светските бајкери на тавче-гравче во Галичник

Обработка: Е.М. Фиданоска
18 мај 2019

Капините покрај патот и кучињата кои лаат се придружен дел на маунтинбајк-туризмот во Северна Македонија, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“ во долгата репортажа посветена на бајкерите и можностите на земјата.

Radtour in Galicica Natiolapark - Mazedonien
Фотографија: DW

Македонскиот потенцијал за велосипедски туризам и природните, историски и културни богатства на земјата се опишани во долгата репортажа на швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ), кој оценува дека велосипедскиот спорт бележи бум. Еве што, меѓу другото, пишува НЦЦ:

„Кога и да раскажува за Северна Македонија, Слободан Трајковски гестикулира наголемо, со едната рака на своите гради - онаму, каде што се наоѓа срцето. Овој маунтинбајк-водич не дава влакно да падне врз неговата татковина. Кога станува збор за старомакедонските кралеви, Римјаните и Османлиите, овој 39-годишник, кој по професија е наставник по историја, не може да запре од зборување. Така е и кога тема е велосипедизмот: 'Македонија е сосема поинаква бајкерска земја од она на што сте навикнати', најавува уште при пречекот на аеродромот во Скопје. И, истовремено нагласува дека се противи на новото име 'Северна Македонија'.

Повеќе: Спелео-туризмот во Македонија се’ уште е во повој

Велосипедизмот бележи бум во малата балканска држава. На Водно, планината над Скопје, по завршувањето на работното време, по густата мрежа од патеки возат безброј бајкери. На викендите велосипедистите се организираат преку социјалните мрежи и возат на тури во националните паркови или учествуваат на настани како 'Mariovo Off-Road Experience', фестивал кој го организира Слободан Трајковски.

'Северна Македонија со своите атрактивни крајолици, со своите национални паркови, културни добра, извонредната кујна и легендарното гостопримство има голем потенцијал како бајкерска-дестинација', вели Габриела Крешини, од Свисконтакт. Швајцарската фондација за развој ширум светот се залага за развој на туризмот, носење гости и отворање одржливи работни места за мештаните во економски слабите држави. На западот на Македонија даваше поддршка за четиригодишен проект, финансиран од Швајцарската дирекција за развој и соработка (Деза), кој заврши неодамна, а се спроведуваше во регионите на Маврово, Крушево и Охрид. 'Со оглед на тоа што земјата располага за извонредни бајкерски патеки, акцент ставаме на планинскиот туризам со фокус на маунтинбајк', објаснува Крешини.“

Во долгиот текст посветен на велосипедскиот туризам, наведени се македонските региони каде минуваат бајкерските патеки и се нагласува дека долж тие патеки има нечепната природа и дивина: „Така, се случува бајкерите на нивната патека прво да мораат да ги исчистат грмушките од капини“. Понекогаш се „наидува на стада, со кучиња кои го чувата стадото и гласно лаат“.

Националните туристички организации денес повеќе се фокусираат на авантуристичкиот отколку на масовниот туризам, вели КрешиниФотографија: Fotolia/VRD

Новинарката на „Ноје цирхер цајтунг“ раскажува и за ресторанот „Баба и деде“ во Галичник, кој го води брачната двојка Борка и Павел Лукановски, а нивните внуци Филип и Марко се водичи на велосипедски тури во Националниот парк:

„'Бајкерство?' Баба Борка се смее со широка насмевка. Никогаш не седнала на велосипед и смета дека велосипедите не се потребни. 'но за нашиот бизнис вредат злато', ја преведува Филип нејзината изјава. Благодарение на почетен капитал од 7000 евра од државен фонд, братучедите набавиле 10 маунтинбајкови. 'Сместени се во шталата за кози, додека не направиме посебна шупа', вели Филип. Секое лето доаѓаат сѐ повеќе странски бајкери. Меѓу другото и поради водичи како што е Слободан Трајковски, кои своите групи го носат во Галичник и во ресторанот 'Баба и деде' уживаат во тавче-гравче, миризлив оброк со колбаси и грав... Дали љубовта на мештаните кон обилно јадење се должи на влијанието на Римјаните? Навечер угостителите ги гоштеваат гладните спортисти со традиционални специјалитети: пржен зеленчук, месо на ражен, кисело млеко, салати и печени компири со маслиново масло и тимијан, кој овде се нарекува 'мајчина душица'. 'Нашето гостопримство е легендарно', вели Слободан Трајковски. 'Историски отсекогаш сме биле гостопримлива земја.' Раката повторно ја положува гордо на своето срце: 'Причината е едноставна. Македонија отсекогаш се наоѓала помеѓу истокот и западот. Во сите историски епохи одовде минувале трговци, стада, патници. Секогаш сме ги пречекувале, сместувале и гоштевале. Патниците кај нас секогаш биле срдечно добредојдени. И, така е до ден-денес.' Пролетва заврши проектот на Свисконтакт. Бројките зборуваат за себе: 'Организациите кои беа вклучени забележаа за 25% повисок пораст отколку останатите на пазарот', нагласува Габриела Крешини. 'Во туризмот се отвориле 258 нови работни места, а во секторите поврзани со него - 725. И, националните туристички организации денес повеќе се фокусираат на авантуристичкиот отколку на масовниот туризам.' Од таквиот развој на ситуацијата профитира и Слободан Трајковски. 'Бројот на денови кога сум ангажиран како водич се зголеми за повеќе од двојно - од 20 на 50 годишно', вели тој.“

Повеќе странски туристи во Македонија

01:00

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми