Тројца дебитанти ќе го придружуваат искусниот германски тим на Европското првенство во Франција. По светското, јавноста се надева и на европско злато.
Реклама
Светските прваци јуришаат на европско злато
Селекторот Јоахим Лев денеска го соопшти провизорниот список на 27 фудбалери кои се во конкуренција за Европското првенство во Франција. 15 светски прваци се на списокот, но и неколку изненадувања.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Мануел Нојер
Во изборот на првиот голман на репрезентацијата и на шампионот Бајерн Минхен немаше апсолутно никаков сомнеж. Не само на голот, туку и како последен играч во одбраната, Нојер е столб на тимот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Eisenhuth
Жером Боатенг и Матс Хумелс
Жером Боатенг и Матс Хумелс се клучните одбранбени играчи на репрезентацијата. Партнерството кое го изградија на Светското првенство во Бразил, од јули ќе продолжи и во дресот на шампионот Бајерн Минхен.
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon
Сами Кедира и Тони Крос
Во дефанзивниот среден ред, Сами Кедира и Тони Крос се неодминливи. Кедира стана италијански првак со Јувентус, а Крос со Реал Мадрид го очекува финалето во Лигата на шампионите. До минатата сезона заедно настапуваа во Реал.
Фотографија: Getty Images/Bongarts/A. Hassenstein
Томас Милер
„Милер секогаш мора да игра“, рече во една прилика поранешниот тренер на Бајерн, Луис Ван Хал. По истото мото и селекторот Јоахим Лев секогаш наоѓа место за Милер, без разлика дали во средниот ред или во нападот.
Во напаѓачкиот дел за крилните позиции се задолжени Карим Белараби и Марко Ројс. Во центарот, со сета слобода во играта, клучен е плејмејкерот Месут Езил.
Фотографија: picture alliance/dpa/G. Chai von der Laage
Марио Геце
И покрај тоа што не се изнаигра во Бајерн Минхен сезонава, Геце е незаменлив во репрезентацијата. Го постигна клучниот погодок во финалето на СП во Бразил, но во Франција ќе мора да размислува и за следниот клупски ангажман.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Марио Гомез
Повредите подолго го оддалечија од фудбалскиот терен, но сезонава се врати и во клупскиот и во репрезентативниот фудбал со извонредни игри. „Супер Марио“ ја освои титулата во турското првенство со Бешикташ, а стана и најдобар стрелец во првенството.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
7 фотографии1 | 7
Младите играчи за врска Јозуа Кимих и Јулијан Бранд се најголемите изненадувања на провизорниот список на германската фудбалска репрезентација за Европското првенство во Франција, кој денеска го објави селекторот Јоахим Лев.
21-годишниот Кимих од Бајерн Минхен и 20-годишниот Бранд од Бајер Леверкузен се најдоа на списокот од 27 играчи заедно со искусните Бастијан Швајнштајгер и Лукас Подолски кои заедно имаат повеќе од 240 настапи за актуелниот светски првак и ова ќе им биде четврто европско првенство.
Младите Јулијан Вајгл од Борусија Дортмунд и Лерој Сане од Шалке, исто така ќе можат да се надеваат на настап на првенството откако веќе дебитираа во квалификациите за сениорскиот тим.
Настапите на Европското првенство, Германија ги почнува на 12 јуни против Украина во рамки на Групата Ц.