Светските ѕвезди ги замрзнуваат профилите на социјалните мрежи
01:29
Медиуми
СН/дв
17 септември 2020
Станува збор за 24-часовна акција со која познатите личности протестираат против ширењето на говор на омраза и на дезинформации на социјалните медиуми. Своите профили на Фејсбук, Инстаграм итн, веќе ги замрзнаа Ким Кардашијан, Наоми Кембел, Леонардо ди Каприо...
Реклама
24-часовното замрзнување на профилите е дел од кампањата #StopHateforProfit (Запрете ја омразата за профит) која беше покрената од групи за граѓански права во САД по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на насилна полициска акција за негово приведување.
Тие бараат фирмите сопственици на социјалните медиуми да ги зголемат своите напори во борбата против говорот на омраза и дезинформации на интернет. Претходно летово, повеќе компании од висок профил ја поддржаа кампањата со повлекување на нивните реклами на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, најави дополнителни мерки на претпазливост кои ќе помогнат да се осигура безбедност и точни информации пред претстојните претседателски избори во САД на 3. ноември.
Протести против колонијализмот и расизмот
Антирасистичките протести по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд го подгреаја конфликтот околу колонијализмот. Во Европа и САД се оштетуваат, уништуваат и отстрануваат споменици.
Во изминатите години имаше повеќе конфликти околу статуата на Едвард Колстон во Бристол. Сега демонстрантите го извадија споменикот од неговиот постамент и го фрлија во пристаништето. Колстон работел за Кралско-африканската компанија, која поробувала 5000 луѓе годишно. Подоцна влегол во историјата како филантроп поради неговите донации за училишта и болници.
Активисти го обвинуваат иницијаторот на извидничкото движење Роберт Баден-Пауел за расизам, хомофобија и восхитување со Адолф Хитлер. Неговата статуа се наоѓаше во Браунси, во јужна Англија. По уништувањето на првите споменици во текот на антирасистичките протести, локалната власт во знак на претпазливост самата ја отстрани статуата на Баден-Пауелс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Matthews
Леополд Втори и белгискиот колонијален режим
Во Белгија има многу статуи на кралот Леополд Втори. Монархот кој владеел со земјата од 1865 до 1909 година, во Конго создал брутален колонијален режим, кој важи за еден од најнасилните во историјата. Повеќе статуи на Леополд Втори беа испрскани со боја. Оваа, во предградието на Антверпен, Екерен, беше транспортирана во музејскиот магацин од страна на властите.
Фотографија: Reuters/ATV
Кристофер Колумбо – помеѓу почит и презир
И во САД се разгоре судир околу спомениците на контроверзни личности. Гневот на демонстрантите е насочен, меѓу другото, против Кристофер Колумбо. Оваа статуа на морепловецот во Бостон, остана без глава. Домородците во северна Америка го отфрлаат оддавањето чест на Колумбо, поради тоа што велат дека неговите експедиции овозможиле колонизација на континентот и геноцид на индигените народи.
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Контроверзно сеќавање: Статуа на Колумбо во Чиле
Колумбо за некои е една од најзначајните личности во светската историја, за многу луѓе во Латинска Америка, меѓутоа, неговото име се поврзува со почеток на ера на страдања. Од аспект на индигените народи, шпанскиот колонијализам е темно поглавје во нивната историја. И во Латинска Америка во минатото се уништувани и оштетувани статуи на Колумбо.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Boensch
Џеферсон Дејвис во визир на демонстрантите
Џеферсон Дејвис бил претседател на Конфедеративните држави на Америка и еден од водечките политичари во Граѓанската војна. Статуата на Дејвис сега е испрскана со боја и откорната. Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом во САД, пледира за отстранување на статуите на претставниците на Конфедеративните држави. Овие луѓе застапувале „свирепост и варварство“, изјави демократката Пелоси.
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla
Роберт Ли ја подели Америка
И оваа статуа на Роберт Ли, генерал на конфедеративната армија во американската граѓанска војна, би требало да биде отстранета. Во Ричмонд, во американската сојузна држава Вирџинија, споменикот ќе биде отстранет по налог на гувернерот Ралф Нортам. Многу Афроамериканци во статуите на политичарите и војниците од Конфедеративните држави на Америка гледаат симболи на угнетување и ропство.