Светски социјален извештај на ОН
26 август 2005Порастот е добар, само што треба да биде подобро поделен. Така гласеше една од главните тези на потсекретарот на ОН, Жозе Антонио Окампо при претставувањето на Светскиот социјален извештај 2005-та. Зашто, нееднаквоста, расцепот меѓу сиромашните и богатите, во последните 25 години станува се поголем:
“Јазот меѓу приходите на богатите, развиени земји и најсиромашните земји е драматично зголемен.“
Додека земји како Индија и Кина бележат бум, и сиромаштијата таму, барем статистички е значително намалена, африканските земји, јужно од Сахара, од 1993 година наваму уште повеќе заостануваат. А, оние што во т.н. трет свет и ќе успеат да најдат работа, се во поголемиот број случаи без договори за работа и без права:
“Нерегулираните работни односи не се многу зголемени само во сиромашните и во земјите во развој, туку во Африка се и екстремно високи, така што важат за четворица од вкупно пет вработени. Нерегулираните односи на работа се присутни во се повеќе земји.“
Нееднакво распределена е и самата работа – додека во индустриските нации невработеноста во последните 10 години опаднала од 8 на 6,8%, таа во некои регуони во светот пораснала:
“Невработеноста во сиромашните земји е повисока од невработеноста во развиените земји. Невработеноста е особено сериозен проблем во Јужна Америка и на Карипските острови. “
Младите во светот чинат застрашувачки 47% од вкупно 186 милиони невработени во светот. Она што исто така расте е јазот во платите меѓу оние што заработуваат многу и едноставните работници, меѓу подобро образованите и необучените работници, и тоа важи и за индустриските земји. Речиси една четвртина од сите вработени во светот, прима плата која не ја надминува границата на сиромаштија. Ваква нерамноправност, според Окампо може да доведе до социјални тензии и насилство. Не случајно граѓанските војни во сиромашните земји се почести.