Додека православните верници го прославуваат заштитникот на лозјата и овошките, Св. Трифун, католиците денеска го слават Св. Валентин, заштитникот на вљубените.
Реклама
На Св. Трифун, согласно обичаите и традицијата, се попрскуваат лозјата со светена вода и се поткаструваат сѐ уште незапупените гранчиња. Се верува дека Св. Трифун ќе го заштити родот од разни болести, штетници и од невреме. Празникот традиционално го одбележуваат лозарите, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. Свети Трифун, заштитникот на лозјата, традиционално со големи веселби се одбележува во Тиквешијата, каде што вљубениците на доброто вино имаат можност да го вкусат пијалокот на боговите.
Истовремено, католиците денеска го прославуваат Св. Валентин, денот на вљубените. Корените на денот на Свети Валентин датираат од античко време. Римјаните на 14 февруари славеле во чест на божицата Јуно, заштитничка на бракот и семејството. Денот на Свети Валентин потсетува и на бискупот од градот Терни, северно од Рим, кој бил погубен по наредба на римскиот цар Клаудиј втори затоа што не сакал да се откаже од својата вера. Освен тоа, според верувањето, тој тајно ги венчавал вљубените парови и ѝ пишувал писма и песни на својата сакана. Како празник на младоста и љубовта, Свети Валентин во Франција и Англија почнал да се слави во 14 век, по што се проширил во другите европски земји и во северна Америка.
Обичај е на овој ден да се подари нешто на саканиот/та. Подароците се главно класични - рози, чоколада, накит... Притоа, во Европа има многу други традиции со кои може да се „помогне“ расцутувањето на љубовта. Еве дел од нив:
Пет љубовни обичаи од Европа за кои веројатно не сте чуле
Рози, чоколада, накит - и годинава подароците за Св. Валентин се класични. Притоа, во Европа има многу други традиции со кои може да се „помогне“ расцутувањето на љубовта.
Балконот на Јулија е исто како и Денот на вљубените итар маркетиншки трик. Јулија и Ромео се ликови од фантазијата на Шекспир, а балконот во Верона постои од почетокот на 20.век. Сепак, секоја година илјадници луѓе одат во посета на наводната куќа на Јулија. Тука оставаат илјадници писма и желби во надеж дека ќе ја најдат својата среќа во љубовта.
Фотографија: cc-by-sa-3.0-C. Suceveanu
Мајско дрво
Младите неоженети мажи во Германија во ноќта кон 1. мај на своите сакани пред вратите им оставаат дрва. И тоа не какви било дрва, туку млади брези накитени со шарени хартиени ленти, а понекогаш и со срца на кои е испишано името на саканата. Дрвото се остава да стои еден месец. Доколку чувствата се обострани, на крајот на обожавателот му се даваат слатки, пиво, а можеби дури и бакнеж.
За саканата е знак на љубов, за нејзините родители е доказ дека идниот избраник е занаетчиски надарен. Традицијата на т.н. „љубовни лажици“ во Велс датира од 17. век. Темните зимски ноќи или долгите патувања со брод давале доволно време за делкање и резбање. Денес лажиците се омилен сувенир.
Фотографија: imago/UIG/Photofusion/K. Morris
Берење цвеќе
На средината од летото во Шведска се подарува цвеќе, но не на саканата личност, туку себеси! Седум различни видови цвеќе од седум различни ливади, самостојно набрани, се ставаат под перница во верување дека даваат магична сила. Според шведското суеверие, на младите девојки во сонот им се појавува човекот за кого ќе се омажат.
Фотографија: Chris van Swaay
Танцување со јаболко
При овој, мора да се признае малку излезен од мода, австриски обичај, во игра е носот. Жената танцува со парче јаболко под пазувите, кое потоа му го дава на саканиот да го јаде. Вистински доказ за љубов, кој има смисла од биолошки аспект - преку феромоните во потта двојките брзо сфаќаат дали „се мирисаат“ или не.
Но, обичаите и традициите полека им отстапуваат место на нормите на модерното време. Сѐ повеќе се губи флертувањето, срамежливите погледи, невештите фрази за приближување до љубената личност. Самците денес сѐ почесто сродна душа бараат на интернет, преку апликации наменети за средби и комуникација. Смрт за романтиката? Не, велат многумина. Романтиката доаѓа потоа.