СДСМ бара распуштање на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ прифаќа
12 октомври 2016„Денеска поднесовме иницијатива за распуштање на Собранието, бидејќи сме заинтересирани изборите да се одржат и сега на потег е претседателот на Собранието, Трајко Вељановски“, вели Петре Шилегов за ДВ. Според него, не постои никаква законска пречка за распишување на Собранието, ниту пак деловничка пречка бидејќи не е почната ниту закажана ниту една собраниска седница во меѓувреме.
„Ако свика седница Вељаноски, Собранието може да се распушти и до вечер“, вели портпаролот на СДСМ.
На прашањето дека ќе останат нерешени прашањата за законските измени за СЈО, како и за Шестата изборна единициа која има вишок гласачи, Шилегов вели:
„Ако се сака сите измени можат да се донесат во еден ден. Досега имаат усогласено распределба на безброј тендери и неброени кадровски решенија. Сѐ што треба е во владејачката коалиција да усогласат решенија за Шеста изборна единица и ние ќе го поддржиме. Иако реално сметаме дека Република Македонија треба да биде една изборна единица, за да се обезбеди рамноправност на гласовите“.
Утрово владејачката ВМРО-ДПМНЕ побара од опозициската СДСМ да достави предлог до Собранието тоа да се распушти, затоа што од вчерашниот марш увиделе дека опозициската партија не е задоволна од актуелната власт.
„Поттикнати од вчерашниот собир во организација на СДСМ/Сорос, од нивната празна реторика која ја слушаме десет години наназад, како и од желбата на огромното мнозинство на граѓани кризата наметната од СДСМ да заврши и да се стави крај на политичкото заложништво, конфликтите и деструктивноста, го повикуваме СДСМ уште денес да достави барање до Собранието на Р. Македонија за негово распуштање. Доколку СДСМ собере храброст, го повикуваме претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да ја стави таа точка на дневен ред за да биде разгледана и усвоена“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме ја прифати иницијативата, но од партијата бараат најпрво Собранието да го изгласа буџетот за следната година, а потоа да се распушти.