СДСМ дава шанса да се коригира изборниот датум
21 јануари 2016 Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на синоќешната седница донесе едногласна одлука - СДСМ нема да учествува на изборите на 24-ти април.
На седницата биле донесени неколку заклучоци: фер, регуларни и демократски избори се императив, а не датумот на изборите. На Македонија не и требаат уште едни нерегуларни избори. Менувањето на датумот на изборите не е желба на опозицијата, туку потреба за целосна имплементација на договорот од Пржино. Квалитетна и кредибилна проверка на Избирачкиот список не може да се направи за 40 дена, а без кредибилен и веродостоен Избирачки список нема регуларни избори; Нема фер и демократски избори без соодветна регулација на медиумите и создавање фер медиумски простор за сите политички партии, со навремен ефект пред изборите.
Посветени на Договорот од Пржино
Одлуката и заклучоците на ЦО, ги образложи партискиот лидер, Зоран Заев.
„Едностраната одлука на власта да го распушти парламентот на 24-ти февруари и да оди на избори на 24-ти април, без претходно исполнети услови за фер, регуларни и демократски избори, ја стави СДСМ пред одлука со две опции: да ги напушти државните институции или да даде шанса да се корегираат одлуките за датумот на изборите. Остануваме посветени Договорот од Пржино да се исполни во целост. Ние нема да бидеме причина за кршење на Договорот. До пред распуштањето на парламентот, даваме шанса да се корегираат одлуките за датумот на изборите, за да може да се исполнат условите за фер избори преку навремено прочистување на Избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите“, соопшти Заев, нагласувајќи дека „демократска Македонија инсистира Договорот од Пржино да се исполни во целост, затоа што не постои алтернатива на за него“.
Тоа значи дека СДСМ ќе остане во Владата и во Собранието до 24-ти февруари, денот, кога според сегашната одлука треба да се распушти парламентот. Ако дотогаш не се постигне меѓупартиски договор за одложување на изборите, ЦО на СДСМ ќе одлучи за натамошните чекори на партијата. Според Заев, СДСМ нема да дозволи никој да ја убедува опозицијата да се тргне настрана од европските вредности и принципи.
„Според нас, план Б за Македонија - нема! Целосно членство во ЕУ и НАТО се иднината на нашиот народ и нашата земја“, рече лидерот на СДСМ. Тој беше дециден во ставот дека до 24-ти април не постои никаква реална можност да се добие прочистен, кредибилен и веродостоен избирачки список: „Тоа го знае и Груевски и затоа иташе повторно да лови во матно и уште еднаш ни приреди нефер, нерегуларни и недемократски избори. Тоа ниту сакаме, ниту можеме, ниту ќе го дозволиме“.
На прашањето - кој е оптимален датум за одржување на изборите, според СДСМ, Заев одговори: „Штом ќе биде прочистен Избирачкиот список, штом ќе бидат регулирани медиумите и сите политички партии ќе имаат рамноправен простор за фер политички натпревар, изборите веднаш можат да бидат закажани“.
ВМРО-ДПМНЕ: Ќе има фер избори!
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш се огласи со реакција на заклучоците на ЦО на СДСМ.
„Фер и демократски избори ќе има, и тоа не е прашање кое СДСМ треба да го загрижува. Тоа што СДСМ треба да го загрижува, е отпорот кој се создаде во државата против нивната деструктивна политика, базирана на фабрики за афери, сплетки, интриги, шпиунски филмови и манипулации. Државата, нејзината иднина и иднината на граѓаните не смеат да зависат од себичноста, деструктивноста и кусогледоста на неколку лица од опозицијата. Агонијата треба да ја оставиме зад нас. Очекуваме СДСМ како партија која го води МВР и има одлучувачко влијание во ДИК, единствените институции од кои директно зависат изборите, да го даде својот придонес во организирањето на фер и демократски избори и да не го опструира процесот заради стравот од соочувањето со граѓаните. Впрочем, новата Влада во која ќе учествуваат има една цел - организирање на избори“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Со цел ДИК ефикасно да ги заврши сите активности за организирање на изборите на 24-ти април, министерот за финансии Зоран Ставрески најави дека ќе бидат одобрени потребните вработувања во Комисијата.
„Беа разгледани сите кадровски прашања и потреби на ДИК и утврдивме дека сите вработувања што ќе бидат потребни, Министерството за финансии и Владата ќе ги одобрат. Не само колку што ќе побара ДИК, туку двојно и тројно повеќе од тоа ако е потребно, впрочем, како што од наша страна му беше ветено на еврокомесарот Хан, со цел ДИК навреме да ги заврши сите активности околу прочистување на Избирачкиот список и други активности во нивна надлежност“, изјави Ставрески.
Покрај потребите од нови вработувања, биле разгледани и други потреби на ДИК - обезбедување простор за подрачните одделенија и возила.
„Преку подрачните одделенија на државните институции и преку општините ќе помогнеме да се обезбедат и простор, и возила што се неопходни за теренска проверка“, рече Ставрески.
Јанева без одобрен буџет
И додека за потребите на ДИК се ветува и повеќе од потребното, Специјалното јавно обвинителство се уште нема одобрен буџет за работа во 2016 година, бидејќи Собранието не го става на дневен ред.
„Фактот што немаме одобрен буџет за 2016 година директно влијае и на сите тековни работи на ова Јавно обвинителство. Имено, без буџет не сме во можност да пристапиме кон вработувања на стручен и помошен персонал, а во прашање се доведува и намирувањето на тековните финансиски обврски, кои се врзани со рокови и соодветни финансиски имликации за задоцнета реализација на обврските -камати и слично“, велат од СЈО.
Советот на јавни обвинители, пак, на денешната седница ќе побара отчет од специјалната обвинителка Катица Јанева околу начинот на кој се преземени незаконски прислушуваните материјали од СДСМ. Не е исклучена можноста да биде побарана одговорност од Јанева.
Запрашан за коментар - дали е тоа притисок врз специјалниот јавен обвинител, лидерот на СДСМ, синоќа одговори: „Не ми паѓа на памет да се мешам во светоста на драгоцени независни институции, коишто се надевам ќе ги охрабрат сите институции во Република Македонија да станат независни“.