1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промени само во СДСМ, Владата нема да се чепка

22 март 2021

Заев најави сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но тоа нема да значи и кадровски промени во Владата.

 Zoran Zaev, Parteivorsitzdender der SDSM  Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нова политика, пролетна офанзива, нов пресврт во политичкото делување на СДСМ.... Сите овие програмски определби на Зоран Заев, кој вчера беше реизбран за претседател на СДСМ на првите директни внатрепариски избори, ќе се однесуваат исклучиво на промени во партијата.

Тој најави сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, но според негово признание, таа нема да предизвика и кадровски промени во Владата.

„Следува сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ќе внесеме нова енергија во нашите редови, ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започната борба против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓани. СДСМ ќе продолжи да се менува за уште подобро да им служи на граѓаните“, најави Заев.

А бидејќи дел од најавените активности, како на пример продлабочување на битката против корупцијата, не се водат преку партии, туку преку институции, очекувано беше Заев да биде запрашан дали покрај кадровски промени во партијата, планира и промени во извршната власт. Премиерот и лидерот на СДСМ одговори негативно.

„Тоа не значи дека ќе има промени во владиниот состав, јас сум задоволен од работата на Владата и верувам дека треба да продолжиме“, рече Заев.

Повеќе: Заев: Нема да има емоции кон никого, никому ништо не му должам

Овој сегмент предизвика голем број коментари, исто како и фактот дека определбата на СДСМ да практикува највисоко ниво на директна внатрепартиска демократија - гласање на секој член на партијата, беше засенето со тоа што Заев беше единствен кандидат за партиски претседател. „За“ него вчера гласале 60.840, „против“ биле 888, неважечки биле 249 ливчиња, а излезноста 90%. 

„Денес со право сте горди, бидејќи заедно испишавме историја! Во годината во која одбележуваме 30 години од независноста на државата, СДСМ е повторно прв во промените! Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена“, порача Заев. 

Запрашан за оние кои не гласале и оние кои гласале против, тој изјави дека тоа е демократија, но и „доказ дека нема перфектно идеален човек, дури и кога ја води својата партија кон победи“.

ВМРО-ДПМНЕ: Севернокорејска демократија

Далеку од перфектен, напротив - опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера во повеќе наврати упати најостри критики кон социјалдемократите и нивниот старо-нов лидер.

„Морбидно и бизарно е да се одржуваат внатрепартиски избори во ден кога во Македонија има 25 мртви од корона вирусот. Срамно дури и за еден хибриден режим, којшто има најмногу мртви по глава на жител во светот и најмалку вакцини“, рече Влатко Ѓорчев.

Претходно, од опозициската партија изборите во СДСМ ги изедначија со „севернокорејска демократија".

ВМРО-ДПМНЕ упати најостри критики кон социјалдемократите и нивниот старо-нов лидерФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Никој во СДСМ не смееше да се спротивстави на единствениот кандидат на изборите, Зоран Заев. Затоа 69-те илјади гласачи на СДСМ денес на гласачкото ливче имаат едно име кое мора да го заокружат. Ако не го заокружат, веројатно им следи службена белешка од партиското обвинителство и суд и престој на современиот Голи Оток. Како во најдобрите времиња на комунизмот и тоталитаризмот, партијата која се нарекува демократска одржува избори на кои се гласа за само еден кандидат. Онака како што СДСМ ја гледа демократијата во својата партија, така ја гледа и во државата“, критикуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, како што Заев ја води партијата (да се биде сѐ во неа) така ја води и Владата.

Повеќе: Колку се ризични потезите на Заев?

„Не само што е премиер, туку е и нагазувач на судството, креатор на хаосот во финансиите, координатор на партизираните органи на државата, веројатно координатор и на посредниците во набавката на вакцините и воедно единствен и главен виновник за состојбата во која се наоѓа државата денес“, критикуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите со ист легитимитет

Ова е трет лидерски мандат на Заев во СДСМ. За првпат во натрпевар со противкандидати беше избран за претседател на СДСМ на 2-ри јуни 2013 година, во време кога партијата, по неколку изборни порази, беше во длабока дефанзива. На 31-ви мај 2017 година стана премиер, а истата позиција ја одбрани и по вонредните парламентарни избори што се одржаа лани во јули.

„Зоран Заев е промената во општеството која генерации граѓани ја чекаа за да ги исполнат соништата на своите деца“, порача на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, во честитка за реизборот на Заев.

„СДСМ продлжува сигурно напред со човекот кој донесе големи промени и храбри одлуки за иднината на земјата. Тој ја обединува партијата, но и граѓаните на целата држава и затоа е вистинскиот избор за лидер на СДСМ. Му посакувам успешен мандат“, напиша Филипче.

ПовеќеТабу

Промени во врвот на СДСМ се очекуваат по конгресот на 16-ти мај, кога треба да се изберат највисоките органи и тела, партиските потпретседатели и секретари.

Аналитичарот Сашо Клековски смета дека и другите функционери во СДСМ мора да бидат избрани со јасен легитимитет.

„Демократијата е процедура, политичка култура и пред сѐ натпревар на идеи. Сите други органи Централен одбор, Извршен одбор, Оштински комитети, ќе имаат помалку легитимитет отколку претседателот, којшто е избран на директни избори. Затоа велам, овој чекор мора да биде следен со други чекори, затоа што инаку би довело до заробување и затворање на партиите од каде што почнува заробувањето на државата“, рече Клековски на ТВ „Сител“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми