СДСМ бара утврдување одговорност на Иванов
13 април 2016Координаторот на Пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески денеска соопшти дека пратеничката група на СДСМ покренува постапка за утврдување одговорност „на лицето Ѓорге Иванов кој нелегитимно извршува функција претседател на Република Македонија“.
Во изјавата за медиумите Сугарески потенцираше дека со својата вчерашна одлука, „Ѓорге Иванов стана заштитник на криминалците, го погази Уставот, законите и достоинството на граѓаните, што е државен удар“ и му зададе „смртоносен удар на договорот од Пржино“.
Затоа, СДСМ бара свикување на Собранието за покренување на постапка за утврдување на одговорност на Иванов.
„Ги повикуваме сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија. Вчера ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не се согласува со одлуката на Ѓорге Иванов. Ако е така ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дојдат во Собранието и да го потпишат предлогот. Само така ќе докажат дека се искрени во изјавите во спротивно ќе потврдат дека станува збор за договор меѓу нив и Иванов“, рече Сугарески.
Од кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се вели дека со распуштањето, претседателот на Собранието нема уставни, законски и деловнички можности да свика седница. Оттаму наведуваат дека се направени консултации со стручните служби на кои уште еднаш било потврдено дека не постојат можности за свикување ваква седница. Во ситуација кога Парламентот е распуштен, според Уставот, итна седница може да биде свикана само во случаи на воена опасност и вонредна состојба, односно природна непогода или епидемија.