1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ е против брзи предвремени избори

ДТЗ
3 ноември 2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека ново парламентарно мнозинство не е решение и побара брзи предвремени избори.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ не се согласува со барањето на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, за одржување на брзи предвремени избори. Тие денеска порачаа дека партиите од владејачкото мнозинство освоија повеќе гласови за советите на општините, отколку целата опозицијата заедно, и затоа парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори минатата недела освои 42 општини и градот Скопје, додека СДСМ само 16 градоначалнички места. Од СДСМ велат дека партиите од владејачкото мнозинство, кои на локалните избори настапија самостојно, на советничките листи освоиле вкупно 419 илјади гласови, додека целата опозиција заедно има 400 илјади гласови.

„СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата“, е ставот на партијата, која тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно.

Оставка и избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  денеска повика на брзи предвремени избори, со кои ќе се обезбеди цврста и стабилна влада којашто ќе може да се соочи со неколкуте сериозни предизвици коишто ја чекаат државата. Тој бара итна оставка на премиерот Зоран Заев и на Владата по победата на неговата партија на локалните избори. 

„Веднаш оставка, брзи избори и да се спасат граѓаните од понатамошното тонење, криминал и корупција. Тоа е она што и го нудиме на оваа влада“, рече Мицкоски.  

Лидерот на опозицијата смета дека опцијата за формирање на ново парламентарно мнозинство во моментов нема да даде нова енергија, ќе предизвика нови раздори, пазарења, коишто ќе го разводнат капацитетот на институции, коишто во наредниот период ќе треба да се соочат со енергетска криза, експанзија на пандемијата, криза во индустријата и образованието.  

„Ајде на избори“, повика Мицкоски, истакнувајќи дека и подава рака на Владата за решавање на проблемите, со цел да не продолжи оваа агонија во којашто се наоѓа земјата. 

Тој предупреди дека земјата ја очекуваат кризни времиња, загрижувачка состојба во енергетиката, ценовен шок, поскапување на струјата, зголемена инфлација и можни рестриции на струјата. Обвини дека институции не можат да се справат ниту со ковид-падемијата, која повторно тропа на врата, а забелешки има и за ЕУ интеграциите - смета дека тие се во целосен застој. И да добие Македонија датум за преговори, според Мицкоски, потребни се коренити измени.  

 

 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми