1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Насилно верификувани мандатите на опозицијата

АМ/миа10 мај 2014

Собранието на Македонија денеска ги верификуваше мандатите на сите пратеници, иако опозициската СДСМ, нејзините коалициони партнери и НДП објавија дека се откажуваат од мандатите. СДСМ обвинува за двојни стандарди.

Фотографија: MAKFAX

Членот на Извршен одбор на СДСМ Рената Дескоска оцени дека „денешната верификација на мандатите на кандидатите за пратеници од опозицијата, и покрај нивните нотарски заверени изјави е уште еден доказ за самоволието, насилството и ароганцијата на власта“.

„Она што важеше за Ивица Коневски, Марјан Ристески и други кандидати за пратеници во 2011 година, кога нивните изјави за неприфаќање на мандатот беа прифатени, очигледно денес не важи за нас како опозиција“, рече Дескоска.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ со тоа покажува двојни аршини и не ги почитува Уставот и законите.

„Откако не им помина обидот да ја разединат опозицијата, пласирајќи лажни информации за премин во други партии, денеска извршија насилна верификација на мандатите. На 24 декември 2012 година на сила ја исфрлија, а сега на сила сакаат да ја внесат опозицијата во овој нелегитимно избран парламент“, нагласи Дескоска, пренесувајќи дека „СДСМ останува на ставот дека овој изборен процес беше недемократски и нефер и ги поткопа институциите“. Затоа, според Дескоска, СДСМ бара „формирање на техничка влада која ќе спроведе легитимни избори што ќе ја одразат волјата на граѓаните“.

Собранието ги верификуваше мандатите на сите пратеници

Реакцијата од СДСМ дојде откако Собранието на Република Македонија со 86 гласа „за“ денеска на конститутивната седница ги верификуваше мандатите на сите 123 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори на 27 април.

СДСМ не се враќа во Собранието и бара техничка владаФотографија: AP

Претседателот на Комисијата за верификација на мандатите Александар Николовски, повикувајќи се на конечниот извештај на Државната изборна комисија, на Изборниот законик, Законот и Деловникот на Собранието, предложи Парламентот да ги верификува мандатите на сите 123 пратеници, иако СДСМ и НДП најавија не прифаќање на мандатите и изјави на нотар.

„Согласно член 13 од Деловникот на Собранието, надлежност е на Верификационата комисија врз основа на Извештајот на ДИК за избор на секој пратеник да поднесе писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник пооделно. Во случајов согласно Извештајот на ДИК неспорно пратениците на коалицијата СДСМ, НСДП, ЛДП, ОМ, Партија за движење на Турците на Македонија, ПЦЕР, Српска странка во Македонија, Демократски сојуз на Власите и Санџачка лига и пратеникот на Национална демократска преродба се избрани за пратеници на предвремените избори одржани на 27 април“, рече Николовски.

„Во Уставот на Република Македонија, во Законот за Собрание и во Деловникот не е предвидена одредба избран пратеник да има право да даде изјава со која не прифаќа да му биде верификуван мандатот. Во Уставот и во Законот за пратениците е утврдено дека мандатот на пратениците го верифиува Собранието и дека мандатот на пратеникот почнува да тече од конститутивната седница, односно од денот на верификација на мандатот“, додаде Николовски.

Тој ги прочита имињата на сите 123 пратеници чии мандати ги верификувала комисијата и му предложи на Собранието да го стори истото. Од 123 избрани пратеници, на конститутивната седница присуствуваат 88. На неа не присуствуваат 34 пратеници од СДСМ и коалицијата и еден избран пратеник од НДП.

На членовите на Владата кои се избрани за пратеници им престануваат функциите, но заради обезбедување на континуитет во работата тие ќе ги извршуваат овие функции до изборот на новата Влада.

Трајко Велјаноски е старо-новиот претседател на СобраниетоФотографија: DW/MIA

Трајко Велјаноски останува претседател на Собранието

Досегашниот претседател на Собранието на Македонија Трајко Вељаноски ќе го предводи и новиот парламентарен состав. Новоизбраните пратеници на денешната конститутивна седница со 87 гласови „за“ и ниту еден против одлучија Вељаноски повторно да биде претседател на законодавниот дом.

Тој беше единствен предложен кандидат за претседател на Собранието на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Веднаш по изгласувањето, Вељаноски, за кого ова ќе биде трет мандат, даде свечена изјава со што и официјално ја презеде должноста. За избор на Претседател на Собранието се потребни 62 гласа „за“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми