1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ обвини за „огромни изборни нерегуларности и злоупотреби“

Катерина Блажевска27 април 2014

Од опозициската партија засега не се изјаснуваат дали и какви постапки ќе преземат во однос на презентираните случаи за кршење на стандардите за фер и демократски избори.

Фотографија: MAKFAX

Огромни нерегуларности и злоупотреби го одбележуваат гласањето за парламентарните извори и вториот круг од претседателските избори, обвини попладнево СДСМ. Како што рече портпаролката на кампањата на оваа опозициска партија, Маринела Маричиќ-Тушева, при гласањето на болни лица, во повеќе случаи била прекршена тајноста на гласањето, а на затвореници од Идризово и на лица во геријатриските установи со уцени им бил вршен притисок да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, со што биле направени повреди на членот 160 од Кривичниот законик, кој содржи гаранции за слободата на определување на избирачите. Таа обвини дека вчера бил прекршен и предизборниот молк во повеќе општини - Кисела Вода, Аеродром, Куманово, Гостивар, Богданци и Крива Паланка.

„Во текот на вчерашниот ден, Сашо Стефаноски, државен секретар во Министерство за одбрана и Емил Димитриев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер, ги објавиле резултатите од гласање на дијаспората, што е спротивно на одредби на Изборниот законик. Вчера, за време на гласањето на дијаспората, забележани се случаи на 'бугарски воз' на избирачкото место 5.017 во Рим. На член на избирачкиот одбор не му било дозволено да ги внесе неправилностите во Дневникот за евиденција и во Записникот, поради што тој не го потпишал Записникот, а неправилностите кулминирале со интервенција на италијанската полиција“, рече Маричиќ-Тушева.

Фотографија: Petr Stojanovski

Според СДСМ, трендот на уцени продолжил и денеска со притисок за ВМРО-ДПМНЕ да гласаат вработени во администрацијата, лица приматели на социјална помош, на надомест за трето дете и на надомест за нега од друго лице.

„Забележани се притисоци врз вработени во ЗК Пелагонија, врз вработени во РЕК Битола и вработени во администрацијата во повеќе градови. Во Штип, на избирачките места 2.269 и 2.271 забележан е притисок врз гласачи. На сопственици на приватни фирми, кои не се членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ испраќани им се писма со закана и забрана тие и нивните семејства да излезат на гласање. Спротивно на членот 162 од Кривичниот законик, даван е поткуп на избирачи да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Утрото, во 08.15 часот на избирачките места 736 и 737 во Кичево, претставници на месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ делеле по 1.000 ден на избирачи од ромска припадност, за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Слична ситуација е забележана и во Штип и во село Аџево на избирачките места 2795 и 2795/1, во село Стајковци, каде во што се делат пари и продукти на гласачите“, рече Маричиќ-Тушева.

Партијата реагира и за случај на семејно гласање регистрирано во Радовиш, каде едно лице гласало во име на 30 избирачи, како и за групно гласање во Гостивар, Пласница, Брвеница, Тетово, Битола, Чешиново-Облешево, Кочани, Куманово, Бутел. Од СДСМ посочуваат дека во Македонски Брод во избирачкото место во село Ковач, едно лице скинало по три ливчиња од двата кочана, им ставило печат, гласало за ВМРО-ДПМНЕ и ги ставило во кутијата. Активисти на ВМРО-ДПМНЕ пред избирачки места во Радовиш, Штип, Кавадарци и Струга ги евидентирале лицата кои гласале, а пред повеќе избирачки места агитирале службени лица користејќи службени возила и легитимации. Според СДСМ, во Кочани биле пронајдени ливчиња од друго избирачко место, а во Студеничани и Прилеп биле најдени дупликат гласачки ливчиња.

Фотографија: Petr Stojanovski

„Добивме потврда дека лица кои фигурираат на список за гласање за едните избори во Тирана и таму гласаа вчера, денеска гласаа за другите избори во Ресен. Фантомски гласачи од Пустец и Гора на овие избори се забележани не само во Центар и Ресен, туку и во Аеродром, Кисела Вода и Бутел, каде што организирано, со возила се носени на гласање. Ним претходно им биле делени фотографирани гласачки ливчиња со заокружен број 5 на ливчето за парламентарни избори и број 1 за претседателските избори. Еден од нив се обидел повторно да гласа иако имал видливо мастило на обата палци“, реагираа од СДСМ.

Маричиќ-Тушева презентираше и копија од еден од ваучерите од 500 денари кои биле давани во Виница како поткуп во ИЕ3. „На него стои печат на ВМРО-ДПМНЕ и името на носителот на листата Никола Тодоров“, рече таа.

Дел од забелешките на изборниот процес кои ги презентираше СДСМ, поткрепувајќи ги со видео и фото документација, денеска ги нотираа и некои од домашните набљудувачки организации.

Од СДСМ засега не се изјаснуваат дали и какви постапки ќе преземат во однос на презентираните нерегуларности.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми