1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Трката за наследник на Заев во полн ек

ДТЗ
6 декември 2021

Кандидатите за претседател на СДСМ ја почнаа кампањата, ветувајќи зајакнување на единството во партијата, мотивирање на членството и комплетна ревизија.

Димитар Ковачевски Зоран Заев СДСМ Северна Македонија
Димитар Ковачевски и Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Социјалдемократите интензивно се подготвуваат за изборот на нов лидер кој ќе се одржи на 12 декември. Кандидатите за претседател на СДСМ ја почнаа кампањата, ветувајќи зајакнување на единството во партијата, мотивирање на членството и коренити промени. Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски деновиве се обидуваат да ги уверат своите сопартијци дека тие се вистинскиот избор за иднината на партијата. Кој ќе ја добие партиската доверба ќе се знае за неколку дена, но како фаворит во трката влегува Ковачевски, кој ја има поддршката на досегашниот лидер Зоран Заев и на неговите најблиски соработници. 

Ревизија на месните одбори 

Кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски преку социјалните мрежи информираше дека партијата е отворена за сите, но дека тој е човек кој не поддржува задкулисни партиски крила и струи. „Тоа не треба да ни ја одзема енергијата во работењето. Сите имаме иста цел, партијата да ги реализира ветувањата, да работи и го унапредува животот на граѓаните, а за тоа мора да сме обединети и многу да работиме“, вели Ковачевски.

Бидејќи, резултатот на локалните избори покажа дека мора да се менуваат работите, тој смета дека е најважно да се зајакне единството и да се мотивира секој член да се приклучи на промените. Ковачевски најавува комплетна ревизија на функционирањето на месните одбори на СДСМ и функционалноста на партиските комисии, како и редовни консултации.

„Функционирањето на месните одбори комплетно ќе се ревидира при што основите за функционалноста на партијата мора да започнуваат токму од овие локални, но суштински јадра на партијата. Нашите членови ќе мора да не евалуираат нас - раководството и ние да постапуваме“, вели Ковачевски.

Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот сојуз викендов од скопски Карпош почна со средби со членството на кои ја презентира својата програма. На настанот беше присутен и поранешниот организациски секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, кој најави дека и самиот размислува да се кандидира за нов лидер, но тоа се повлече од трката. Тој во телевизико гостување, на прашањето дали е фер што лидерот на СДСМ Зоран Заев застанал зад еден од кандидатите за нов лидер на партијата, рече дека не е исклучок и во другите политички партии, лидерот да го избере својот наследник за кој смета дека најмногу ќе придонесе за зачувување на она што значи партиско единство. „Претпоставувам дека господинот Заев од повеќе аспекти ги оценил и проценил сите идни ситуации и застанал позади кандидатот Димитар Ковачевски“, вели Зечевиќ. 

Повик за претставување на програмите 

Јован Деспотовски, еден од тројцата кандидати за претседател на владејачката партија, вели дека ќе ги повика противкандидатите Димитар Ковачевски и Фросина Ременски преку интернет, сите тројца заедно да ги претстават програмите за лидер на партијата.

„Сакам да верувам дека трката за лидер на СДСМ почнува од 0:0, право на Заев е да каже што мисли, но на крајот се надевам ќе подаде рака на победникот. Секаде има ниски удари, но научен сум со предизвици, СДСМ е голем предизвик, мојот `Концепт 28` е подготвен, 25 години сум во партијата“, изјави Деспотовски во Студио 10 на ТВ24.

Јован ДеспотовскиФотографија: DW/K. Delimitov

Тој вели дека долго размислувал за кандидатурата.  „Изборот беше да седам на страна и да си коментирам во кафеана или да се вклучам внатре и да дадам придонес. Се одлучив за второто, сметам дека е чесно да влезам“, објаснува тој. Основната цел на `Концепт 28`, според него, е сите деца во државата да останат тука откако ќе завршат со студии. 

Еднаков пристап кон кандидатите 

Третиот кандидат во трката за нов лидер, поранешната министерка, Фросина Ременски, смета дека и покрај фаворитите, во Социјалдемократскиот сојуз ништо не е јасно во однос на резултатите во внатрепартиските избори.

Фросина РеменскиФотографија: DW/P.Stojanovski

„Секој има право да има фаворит и секој има право да поддржи некого. Она што јас го очекувам е поддршка и поздрав на кандидатурите од Заев за сите кандидати, вклучително за кандидатурата на Јован Деспотовски и за мојата. Само така може да се покаже тој еднаков пристап кон кандидатите кој што треба да трчаат за лидерската позиција“, изјави деновиве Ременски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми