1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Јавниот обвинител Зврлевски сработува за Груевски

ЕМФ/макфакс28 јуни 2014

Повеќе од очигледно е дека Јавниот обвинител наместо да ги испита сериозните индиции за тешкото кривично дело, се трудел да сработи образложение со коешто ќе го амнестира Груевски од одговорност, рече денеска Шилегов.

Фотографија: MAKFAX

Портпаролот на социјалдемократите Петре Шилегов на прес-конференција денеска (28.06) оцени дека јавниот обвинител Марко Зврлевски го оправдувал „противзаконското посредување при примање на милионскиот поткуп со застареност“, и со тоа тој „призна дека има кривично дело во случајот Македонска банка“.

„Уште поважно, Зврлевски не негира дека постои кривично дело даночно затајување од 225.000 евра направено од страна на Никола Груевски. Обвинителот ја отфрлува пријавата со оправдување дека немал докази за тоа дело. Тоа значи дека за Зврлевски аудио снимката не е доволен доказ за постоење основ на сомнеж дека е сторено кривично дело даночно затајување“, толкува Шилегов.

Тој праша и како јавниот обвинител Зврлевски без да ги повика и да ги сослуша учесниците во разговорот, дошол до тој заклучок. Според него, Зврлевски бил законски обврзан да ги сослуша и обвинетиот од страна на СДСМ, Груевски, и учесниците во телефонскиот разговор и подносителите на кривичната пријава. Шилегов тврди и дека не е точно дека има застареност на случајот Македонска банка.

„Груевски, според аудио снимката, договорил 1.500.000 евра во кеш. Во тој период, кога според аудио разговорот е договорена реализацијата на ратите, направени се измени во Кривичниот законик со коишто е продолжено застарувањето на дело, од 10 на 20 години, за случај во којшто е предвидена затворска казна од 4 до 15 години. Исто така, Никола Груевски со непријавување на примените 1.500.000 евра во кеш избегнал плаќање данок. Со образложението дека трансформацијата на капиталот на Македонска банка завршила во јануари 2004-та година, обвинителството се впуштило во истрага. Затоа е нелогично отфрлувањето на пријавата од страна на обвинителот Зврлевски“, рече Шилегов.

Обвинителство: Нема елементи за кривична пријава во случајот Македонска банка

Вчера, Основното јавно обвинителство во Скопје соопшти дека нема основи да поведе кривична постапка против премиерот Никола Груевски по пријавата на СДСМ за случајот Македонска банка.

Јавното обвинителство оцени дека во конкретниот случај нема основи на сомнение дека пријавениот презел дејствија на влијание и да за таквите дејствија примил некаква имотна корист, се вели во соопштение на Обвинителството.

Притоа се наведува дека со цел да се проверат наводите во пријавата Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција извршило проверки, односно се обратило до Архивот на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Централниот депозитар на хартии од вредност, како и до ликвидаторите на Македонска банка АД и брокерската куќа Макброкер АД.

„Иако нема докази дека пријавениот влијаел врз било кого со било какви дејствија, доколку постоело влијание и посредување врз мнозинството акционери во Македонска банка АД Скопје, за да ги продадат акциите од 51 проценти на Јовица Стефановиќ Нини и обратно истиот да ги купи, евентуално би се работело за ставот 6 од чл.359 од КЗ. Согласно чл.107 ст.1 т.3 од Кривичниот законик, доколку поминат десет години од извршување на кривичното дело, а во тој период не се преземе ниту едно процесно дејствие, во тој случај не може да се преземе кривично гонење. Тоа значи дека кога е поминат овој рок јавниот обвинител нема никаков правен основ да презема дејствија насочени кон проверки и истражување на било кој кривично правен настан, како што е и настанот наведен во кривичната пријава, дотолку повеќе што и кога е поднесена кривичната пријава застареноста на кривичното гонење веќе е настапена“, се вели во соопштението.

Воедно се истакнува дека до обвинителството било доставено вештачење на глас, изготвено во Република Србија, како и извршен превод на тоа вештачење на македонски јазик, а врз основа на претходно наведениот компакт диск, кое вештачење е извршено без наредба на овластен орган. Со оглед на тоа што, како што се вели, се работи за доказ кој е прибавен на незаконит начин, обвинителството не може да се впушти во правна анализа на истиот.

„И покрај она што е претходно наведено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се впушти во проверка на основаноста на наводите во кривичната пријава и притоа е констатирано дека во конкретниот случај нема елементи ниту основи на сомнение дека се сторени пријавените кривични дела, ниту други кривични дела за кои се гони по службена должност, а воедно имајќи ја предвид констатираната застареност на кривичното гонење очигледно е дека во конкретниот случај постои околност која го исклучува гонењето, заради што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука за неповедување на кривичната постапка“, се вели во соопштението.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми