1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северен тек 2: САД и Германија ги закопаа секирите

Андреас Ростек-Бути
22 јули 2021

Германија и САД постигнаа договор околу спорот за Северен тек 2  во Северното Море. Геополитичката позадина зад договорот сепак може да предизвика проблеми.

Russland I Dänemark I Verlegeschiff Fortuna
Фотографија: Dmitrij Leltschuk/Sputnik/dpa/picture alliance

По долгогодишен спор, САД и Германија постигнаа договор во конфликтот околу германско – рускиот гасовод Северен тек 2. Деталите од договорот ќе бидат претставени оваа среда изјави високиот американски дипломат, Викторија Њуланд на сослушување во Конгресот во Вашингтон. Потврда за постигнатиот компромис има и од Берлин. Рускиот природен гас наскоро ќе протече преку гасоводот кон Германија со што ќе се осигура енергетското снабдување на Европа, сепак заобиколувајќи ја Украина која зависи од приходите од транзитот на гас.

Њуланд рече дека Германија се обврзала да „преземе мерки“ доколку Русија се обиде „да ја искористи енергијата како оружје за понатамошни агресивни дејствија против Украина“. Не се исклучени ниту санкции. Паралелно на ова и во следните десет години мора да продолжи преносот на руски гас низ Украина. Двете страни сакаат да го продолжат соодветниот договор за транзит. Дополнително ќе се работи и на тоа да се намали зависноста на Украина од рускиот гас и приходите од транзитот низ украинска територија. 

Критики од Киев 

Веднаш стигнаа критики од Украина. Од канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски се вели: „Одлуката за Северен тек 2 не може да се донесе зад грб на сите оние кои се загрозени од него.“ Разјаснување може да следи само на лична средба меѓу Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден, која според Белата куќа е планирана за крајот на август. 

-повеќе: 

Дали Газпром ѝ покажува мускули на Европа?

Северен тек 2: Повиците за запирање на изградбата му помагаат само на Путин

Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Од друга страна од Москва пристигнаа пофалби. „Овој договор ни дава шанса спокојно да ја завршиме изградбата на Северен тек 2 и целосно да го ставиме во погон,“ изјави Владимир Џабаров од Советот на федерацијата, Горниот дом на рускиот парламент. Истовремено тој ги постави условите за можно продолжување на договорот за транзит – Украина мора да се покаже како „конструктивен партнер“, вели тој. 

Позитивна вест за германската економија 

Според владини извори германската канцеларка имала телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин на кој меѓу другото се разговарало и за Северен тек 2. Меркел веројатно споделила мислење за напредокот во договорот со САД. Министерот за надворешни работи Хајко Мас на Твитер напиша: „Ќе ја поддржиме Украина во изградбата на зелен енергетски сектор и ќе работиме на обезбедување транзит на гас и во следната декада.“ 

Германските стопанственици во Русија го поздравија договорот. „Добар знак е дека Вашингтон и Берлин го решија спорот и дека гасоводот кој е многу важен за Европа ќе може да се доврши,“ изјави претседателот на германско – руската стопанска комора, Рајнер Зеле.  „Особено во тешки времиња многу е важно да има вакви проекти за пример, меѓу Русија и Европа.“ 

Конфликтот околу гасоводот се сметаше за еден од најголемите проблеми за повторно зближување меѓу Вашингтон и Берлин од доаѓањето на Бајден на функцијата. Американската страна стравуваше дека Европа ќе стане енергетски зависна од Москва и дека со гасоводот ќе им се наштети на транзитните земји Украина и Полска. На нивната средба минатата недела во Белата куќа, германската канцеларка Меркел и претседателот Бајден не можеа да ја прескокнат темава, ниту веднаш да најдат решение за спорот, но оттогаш се забрзаа преговорите околу изнаоѓање компромис. 

„Зелен фонд“ за Украина 

Двете страни се договорија да основаат „зелен фонд“ за Украина со почетни 175 милиони долари влог од Германија. Целта е да се поттикне учество и на приватни инвеститори со што би се достигнала една милијарда долари во фондот, се вели во заедничката изјава. Се работи и за поддршка на проекти со водород, енергетска ефикасност и обновливи енергии. Украина сака да стане помалку зависна од рускиот гас. Германија најави и техничка поддршка за приклучување на украинската електрична мрежа на европската. Освен тоа Берлин најави и поддршка за Иницијативата на три мориња на Полска, која инаку е еден од најголемите критичари на проектот Северен тек 2. Оваа иницијатива е врвен приоритет на Варшава. Дванаесет држави од источна и југоисточна Европа сакаат да спроведат инфраструктурни проекти меѓу Северно и Црно Море. 

Њуланд нагласи дека администрацијата на претседателот Џо Бајден и понатаму смета дека Северен тек 2 е „лош договор“ со кој се засилува зависноста на Европа од руската енергија. „Ова е лоша ситуација и лош гасовод, но мора да помогнеме за да ја заштитиме Украина и имам чувство дека со овој договор направивме важен чекор во таа насока,“ рече дипломатката. 

Геополитичката позадина околу гасоводот може да стане проблем за американската влада во Конгресот и по постигнатиот договор со Германија бидејќи многу пратеници и сенатори и од Републиканците и од Демократите со години се залагаат против Северен тек 2. 

Досега САД се закануваа со санкции против операторите на Северен тек 2 кои во моментов се само суспендирани, а договорот има за цел нивно целосно укинување. Гасоводот низ Северното Море – проект тежок 11 милијарди долари – е 98% готов. Според оние кои го градат, тој треба да проработи уште годинава. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми