Северна и Јужна Кореја повторно водат директни разговори
ЕМФ /агенции
9 јануари 2018
Првата средба по две години донесе мало релаксирање на односите - Северна Кореја најави дека ќе испрати делегација на Олимписките игри во Пјонгчанг. За возврат Јужна Кореја предлага разговори за хуманитарни прашања.
Реклама
На првите директни разговори по повеќе од две години, Северна и Јужна Кореја постигнаа мало приближување. Северна Кореја најави дека ќе испрати висока делегација со државни функционери и спортисти на Зимските олимписки игри во Пјончанг во февруари, изјави јужнокорејскиот заменик министер за повторно обединување Чун Хае Сунг. Тој уште информираше дека неговата влада предложила разговори меѓу армиите на двете земји, со цел да се намали тензијата на полуостровот. Освен тоа, во февруари би требало да има и повторно обединување на семејства разделени за време на Корејската војна.
Првите формални разговори меѓу двете корејски држави од декември 2015 година се следат со внимание поради нуклеарниот конфликт со владата во Пјонгјанг. Средбата се одржа во граничното место Панмунџом, каде во 1953 година со склучување договор за прекин на огнот беше ставен печат на Корејската војна. Со оглед на тоа што двете држави немаат склучено мировен договор, тие официјално сѐ уште се наоѓаат во воена состојба.
Во текот на изминатите месеци поради ракетните и нуклеарни тестови на Северот, се зголемија тензиите во регионот. Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп постојано упатуваа закани еден кон друг. САД се заштитна сила на Јужна Кореја и таму имаат стационирано 28.500 војници. Северна Кореја постојано се закануваше дека ќе ги уништи Јужна Кореја, Јапонија и САД.
Јужнокорејските истражувачки институти кон крајот на претходната година претпоставија дека Северна Кореја во новата година ќе бара дијалог. Овој чекор би требало да ги дефинира можностите за релаксирање на состојбите. Јужнокорејскиот претседател Мун Џае изрази надеж дека ќе се создаде основа за редовни разговори и дека во преговорите ќе може да се влијае врз Северна Кореја да се откаже од атомската програма.
Американскиот претседател Трамп му изрази поддршка на Мун и рече дека е подготвен на разговори со Ким, но уште еднаш потенцираше дека неговата тврда линија кон Северна Кореја нема да се промени доколку Пјонгјанг не се откаже од атомската програма.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.