Северна Кореја демонтира постројка за ракетни тестови
ЖА / агенции
24 јули 2018
Сателитски снимки сугерираат дека Пјонгјанг, согласно на ветувањето дадено на Доналд Трамп, ги демонтира ракетните рампи.
Реклама
Северна Кореја, според оценка на експерти, започнала со демонтажа на ракетните стартни рампи во нуклеарниот полигон Сохае на западниот брег на земјата. Како доказ, информативната страница на Американскиот институт за Кореја, „38 Норт“, специјализирана за Северна Кореја, објави сателитски снимки од 20. и 22. јули.
Во изминатите години Северна Кореја во повеќе наврати испалуваше ракети од полигонот за вселенски летови во базата Сохае, тврдејќи дека лансира сателити во вселената. Меѓународната заедница смета дека притоа стануваше збор за прикриени проби на балистички ракети со долг дострел, кои можат да носат атомски глави.
Експертска оценка е дека во Сохае се урнати и повеќе релеватни објекти. Поаѓајќи од важноста на овие објекти за севернокорејската атомска програма, експертот Џозеф Бермудез Јуниор смета дека станува збор за „упадлива мерка за градење доверба“, а претопставката е дека работата на разградбата на објектите на полигонот почнале во изминатите две недели.
На својата прва средба со американскиот претседател Доналд Трамп на 12. јули, севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун ја потврди подготвеноста за комплетна денуклеаризација на земјата. Останува сепак нејасно кога и како ќе се одвива разоружувањето. Според Трамп, Ким му ветил дека многу скоро ќе биде уништена важна постројка за тестирање ракетни мотори. Во меѓувреме се јавија сомнежи во веродостојноста на ветувањата на Ким. Трамп за возврат пак на Пјонгјанг му дал безбедносни гаранции. Американскиот претседател вчера истакна дека Северна Кореја од пред девет месеци веќе не испалила ниедна ракета, ниту извршила атомски проби. „Јапонија е среќна, цела Азија е среќна“, напиша Трамп на Твитер, дополнувајќи дека и тој самиот е многу среќен.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.