Северна Кореја најави крај на атомските и ракетните тестови
ЕМФ /агенции
21 април 2018
Непосредно пред одржувањето на самитот со јужнокорејскиот претседател Мун, севернокорејскиот властодржец Ким најави прекин на атомските и ракетните тестови и затворање на еден полигон за тестирање, јави агенцијата КЦНА.
Реклама
Одлуката за прекин на тестовите и затворање на полигонот била донесена на Собранието на Централниот комитет на владејачката партија, јавува севернокорејската државна агенција КЦНА. На средбата се дебатирало за „нова ера“ во политиката.
„Од 21 април Северна Кореја ќе запре со нуклеарните тестови и лансирањето балистички интерконтинентални ракети“, се вели во извештајот на КЦНА. Ким, според оваа информација, изјавил дека неговата земја нема потреба од натамошни нуклеарни тестови и тестови на интерконтинентални ракети и дека нуклеарното вооружување е успешно завршено.
Затворањето на полигонот за тестови би требало да послужи како потврда за волјата за прекинување на атомските тестови, јавува КЦНА. На полигонот од 2006 година биле изведени шест нуклеарни тестови.
Освен тоа, на Собранието на Централниот комитет бил навестен и нов политички курс со кој изолираната земја има намера во иднина да се концентрира на развој на, од меѓународните санкции, ослабнатата економија. Северна Кореа најавува дека сака со дијалог со меѓународната заедница да постигне мир и економски пораст.
Јужна Кореја го поздрави ваквиот чекор на Северна Кореја. Ова е „значаен напредок“ на патот до нуклеарно разоружување на Корејскиот Полуостров, соопшти соработник во кабинетот на јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин. Според него, со ова се подобруваат изгледите за успешни разговори меѓу Сеул, Пјонгјанг и Вашингтон. Најавата на Северна Кореја доаѓа една недела пред самитот на Мун и Ким во пограничното место Панмунџом. Од крајот на Корејската војна во 1953 година одржани се два меѓукорејски самита - во јуни 2000. и во октомври 2007. година. Двата самита се одржаа во Пјонгјанг.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.