Северна Кореја тестира „хај-тек оружје“
16 ноември 2018Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун лично го надгледувал тестирањето на новото хај-тек тактичко оружје, тврди севернокорејската државна агенција КЦНА. Тестот, како што се вели, минал успешно. Ким бил „многу задоволен“ од резултатите на тестот.
Подетални информации за какво оружје се работи не се даваат. „Високо модерно оружје, кое се развиваше одамна под раководство на динамичното лидерство на нашата партија, целосно ја заштитува нашата територија и значително ја подобрува борбената сила на нашата народна армија“, ги пренесува агенцијата Јонхап севернокорејските тврдења.
Пјонгјанг во април најави запирање на атомските и ракетните тестови. Тоа придонесе значително за деескалација на конфликтот на Корејскиот Полуостров. Во јуни Ким и американскиот претседател Трамп одржаа историски самит, на кој беше договорена денуклеаризација на Северна Кореја. Сепак, договорот беше непрецизен, а разговорите по самитот заглавија.
Враќање на Северна Кореја кон нуклеарни и ракетни тестови би претставувало голем удар за дипломатските напори. Сепак, засега ништо не укажува на тестови од тој вид. Употребата на зборот „тактичко“ при описот на новото оружје многу повеќе укажува на тоа дека не била употребена никаква балистичка ракета со долг дострел, ниту пак со нуклеарно полнење.
Американското Министерство за надворешни работи во соопштението по објавувањето на веста за севернокорејските тестови изразува увереност дека Пјонгјанг се држи до ветеното на самитот во Сингапур. Американскиот потпретседател Мајк Пенс најави и дека претседателот Трамп стреми кон нова средба со севернокорејскиот властодржец во текот на 2019 година.