1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија - име кое тешко ќе заживее

БГ
13 февруари 2019

Германскиот печат денеска е полн со наслови кои ја бележат официјалната промена на името во Република Северна Македонија. Освен основните информации, некои коментари заклучуваат дека новото име тешко ќе заживее.

Nord-Mazedonien Umbenennung Autobahnschilder
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Веста за официјалната промена на името на досегашната Република Македонија во Република Северна Македонија наиде на голем одзив во денешните изданија на германскиот печат. Во најголем дел се пренесуваат агенциски извештаи на темата, иако е забележливо дека новото име веќе предизвикува недоумици при транскрипцијата и преводот на германски јазик. Имено, повеќето германски медиуми, согласно правописот, за Северна Македонија го користат името „Nordmazedonien“ споено во еден збор. Неколку други, сепак прават исклучок од ова правило, па во своите изданија го користат терминот „Nord-Mazedonien“ (Северна-Македонија).

Во текстовите преовладува оценката дека на земјата, по долгогодишниот спор со Грција, сега конечно ѝ се отвораат вратите на НАТО, и во перспектива, и на ЕУ.

Швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг (НЦЦ) е единствениот медиум кој покрај веста за промената на името, објавува и коментар под наслов „Северна Македонија во секојдневието е непознат збор“.

„На македонските гранични премини можат да се видат налепници на кои пишува 'Don’t fyrom me!'. ПЈРМ е кратенка од Поранешна југословенска република Македонија. Овој збор-чудовиште се роди во 1993 година под притисок на Атина и беше екстремно омразен кај нејзиниот северен сосед“.

„Но тоа е сега историја“, продолжува НЦЦ, алудирајќи на Преспанскиот договор со кој земјата прифати да го смени своето име во Северна Македонија.

„Со новото име земјата сега може да влезе во НАТО. Но, меѓународните договори се едно. Како ќе изгледа примената на името во секојдневието? Во тој поглед се менува малку. Во преименуваната Северна Македонија новото име е непопуларно. Референдумот не даде јасно мнозинство, а парламентот ја прифати промената под огромен притисок. И големо мнозинство од Грците го отфрлаат името како трул компромис. Дури и откако парламентот во Атина го одобри, весникот Катимерини излезе со наслов 'ФИРОМ е на пат кон НАТО'.

Името има и економска страна, што се однесува до потеклото на производите. Заедничка комисија на Грци и Македонци ќе треба да одговори на отворените прашања. И поранешната Република Македонија, како и грчката провинција Македонија извезуваат вино. За да се разјаснат работите, едно здружение на грчки производители објави видео во кое, од нивна гледна точка, се дава точно објаснување. Потрошувачот, дознаваме од видеото, мора да знае дека македонската стока секогаш е 'со потекло од Грција'. Со други зборови: Само онаму каде што е Грција, се наоѓа и Македонија. За тоа да може да се почувствува и на ниво на сетила, се користи мелодијата на 'Гркот Зорба'“, пишува НЦЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми