1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија и Бугарија му се поклонија на Гоце Делчев

ДТЗ
4 февруари 2022

Заедничкото чествување не помина без тензии. Македонските делегации беа исвиркани, а од Бугарија пристигнаа изјави коишто дополнително ги разбрануваа чувствителните историски прашања меѓу двете земји.

Nord-Mazedonien l Feierlichkeiten in Skopje, Goce Delcev
Фотографија: Government of North Macedonia

Во Скопје и во Софија, со низа свечености, денеска заеднички беше одбележана 150-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. На неговиот гроб во црквата Свети Спас, државни делегации предводени од претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерот Артан Груби положија венци, а на чествувањето присуствуваше и лидерот на опзицијата, Христијан Мицкоски. Бугарската делегација, која што учествува на чествувањето во Скопје, ја предводи бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска. Во Софија, пак, Делчев го чествуваат бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев. Заедничкото чествување не помина без тензии. Македонските делегации беа исвиркани од незадоволни граѓани, а од Бугарија пристигнаа изјави коишто дополнително ја разбрануваа чувствителните историски прашања меѓу двете земји. 

Почит и слава кон великанот  

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, не учествуваше во заедничкото чествување поради неговата официјална посета на Брисел. Но, тој на социјалните мрежи испрати порака со која одаде почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело.

Скопје и Софија денеска одаваат почит и слава кон животот и делото на револуционерот Гоце Делчев.Фотографија: Wikipedia/gemeinfrei

„Денеска, на 4 февруари, на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност. Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава“, вели Ковачевски.

Бугарскиот премиер, Кирил Петков, пак, на Фејсбук страницата на Владата на Бугарија сподели текст за 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Петков вели дека Гоце Делчев е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење. 

„Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со народот на Северна Македонија. Тој е една од личностите кои ги прават горди двата народа“, порача Петков. 

Чин на добра волја 

Претседателот Стево Пендаровски, пред Музеј на македонската борба ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“. Тој вели дека заедничкото одбележување на овој ден на македонска и бугарска делегација, а без одлука донесена од заедничката Мешовита комисија за историски и образовни прашања, не е притисок врз комисијата, туку чин на добра волја на двете страни за намалување на тензиите.

„Знаете со какви навреди се соочувавме во минатото. Петков не оди по тој пат и кога зборува, исто како да зборува Нелсон Мендела. Секоја негова изјава има внатрешна конотација и се држи до тоа што е негова надлежност“, рече Пендаровски. 

Декларација за Делчев

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски, нема ништо спорно во заедничкото чествување на Гоце Делчев „се додека тој се слави како голем Македонец и македонски син“. 

„Гоце Делчев за мене е Македонија. Тој со неговото дело и неговата борба за независна суверена македонска држава во срцето на Балканот не задолжи неа да ја чуваме, негуваме и развивме за генерациите по нас да се сеќаваат на неговото големо дело и за Македонија и за македонскиот народ чија нераскинлива алка е овој човек“, рече Мицкоски. Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поднесе декларација со која сакаат да добијат поддршка од сите политички партии за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев. 

За лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски, нема ништо спорно во заедничкото чествување на Гоце Делчев „се додека тој се слави како голем Македонец и македонски син“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според Мицкоски, Бугарија не е подготвена да ја тргне понижувачката фуснота за македонскиот јазик и да признае дека е засебен и различен од бугарскиот, но и го злоупотребува членството во ЕУ за да ја уценува Македонија за да прифати заедничка историја.  

„Сакаат да се обидат и да ја злоупотребат положбата што се членка на ЕУ да не натераат да прифатиме дека од среден век од првото бугарско царство се до 1945 година имаме заедничка историја и сме биле еден народ-Бугари. Тоа нема никогаш да го прифатиме“, рече Мицкоски. 
 

Загриженост

Ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Гоце Делчев. И во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положија цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас. 

Но, најавата за заедничко чествуваше предизвика револт и загриженост во Здружението на историчарите на Северна Македонија.  Тие оценија дека ваква политичка одлука е фатален удар врз македонската самобитност. Реакција имаше и од страна на Драги Ѓоргиев, копретседател на заедничката Мешовита комисија за историски и образовни прашања, кој смета дека заедничкото политичко чествување на Делчев од страна на двете влади ја става комисијата во една апсурдна ситуација.

И во минатото македонски и бугарски делегации заедно се поклонуваа на гробот на Гоце ДелчевФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Непосредно пред чествувањето се огласија министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија. Тие го повикаа членовите на историските комисии во двете земји да се придружуваат до новата иницијатива најавена на заедничката седница на двете влади која се одржа во јануари 2022 година во Софија. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми