1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Северна Македонија- Фудбалот ја обединува поделената земја

БГ
21 јуни 2021

Тоа што Северна Македонија денеска ќе се прости од Европското првенство во фудбал е од второстепено значење. Најважната порака е онаа за заедништво и обединетост на етнички шарената репрезентација, пишува Тагесцајтунг.

Fussballspieler I Eljif Elmas
Фотографија: Pressebildagentur ULMER/picture alliance

Може ли фудбалот да ги залечи раните предизвикани од етничките поделби во Северна Македонија? Германскиот весник Тагесцајтунг денеска објавува подолга репортажа на оваа тема и пишува:
„Легендарниот ден на крајот на март, кога германските фудбалери загубија со 1:2 од Северна Македонија во квалификациите за Светското првенство, не е останат во сеќавањето само во земјата. Тогаш Северна Македонија постигна два гола, првиот Горан Пандев, а вториот Елјиф Елмас. Првиот етнички Македонец, а вториот етнички Албанец со турско потекло. Резултат со симболична вредност.
„Сите медиуми објавија: Тоа е вистинската приказна на оваа земја“, вели Ана Томовска Мисоска. И ова чувство остана и за време на Европското првенство. Тоа што Северна Македонија денеска ќе се прости од првенството е од второстепено значење. Томовска Мисоска е психолог и автор на многу теренски истражувања за односите меѓу етничките Македонци и Албанци. И тука не е лесно. Земјата за првпат воопшто се пласираше на едно Европско првенство. Но кому му припаѓа националниот тим? Меѓу 20 и 25 отсто од населението на С. Македонија се етнички Албанци, и тие често се чувствуваат како граѓани од втор ред. Пред околу 20 години етничките судири ескалираа и ја доведоа земјата на работ на граѓанска војна. Оттогаш некои работи се сменија. Во јавната администрација Албанците се далеку повеќе застапени, а се школуваат на својот мајчин јазик.
„Постои едно бавно подобрување, и статистиката тоа го потврдува“, вели Томовска Мисоска. „Но се уште не е се надминато. Недоразбирањата секогаш одново испливуваат на површината“. Фудбалот треба да ги залечи тие проблеми. Во Скопје владее еден опуштен фудбалски патриотизам. Многу барови се накитени со националните знамиња и нудат групно гледање, но куќите и автомобилите не. „Атмосферата е порезервирана од вообичаено“, вели Александар Кржаловски. „Социјалдемократската влада не сака да се прославува многу бучно, за да не ги провоцира Грција и Бугарија“.
Односите со сите соседи се комплицирани. Комплицирано е и со сопственото име кое по долгиот спор со Грција беше сменето. Конзервативци како Кржаловски и понатаму велат Македонија, а не Северна Македонија. Кржаловски е директор на МЦМС, невладина организација која, според неговото објаснување, се залага за етничките малцинства, развој на граѓанското општество и женските права. Во пресрет на првенството заедно со националните репрезентативци МЦМС изработи една реклама против дискриминацијата.
„Ова е далеку најмешаниот тим кој сме го имале досега“, вели Кржаловски. „И мислам дека овој тим навистина успеа повеќе да ги обедини луѓето во земјата".

Македонски навивач на Европското првенство во фудбалФотографија: Robert Ghement/AP Photo/picture alliance

Наративот за шарена и хармонична репрезентација е добро познат и во Германија и Франција. Но не секогаш тоа ја одразува реалната состојба во државата. Но сепак тоа има голема симболична важност. До не толку одамна во националниот тим играа само етнички Македонци, вели Кржаловски, а разноликоста му ја припишува и на прагматизмот на селекторот Игор Ангеловски.
„Сега имаме не само добри Македонци, туку и повеќе добри Албанци (фудбалери, н.з.). Секако постои вообичаеното националистичко малцинство кое протестира, но одлуката донесе резултат и затоа повеќето луѓе се задоволни“. Барем додека има резултати.
Додека националната репрезентација е обединувачка сила, клупскиот фудбал носи поделби. Најпознатиот клуб на Албанците, Шкендија, тукушто стана првак. Неговите ултраси ги поврзува еден изразен националистички ривалитет со ултрасите на етнички македонскиот Вардар. Повремено доаѓа и до насилство.
„Тензиите во општеството се пренесуваат на навивачките трибини, а не обратно“, објаснува Ана Томовска Мисоска. „Секако дека се работи за ѓаволски круг, затоа што кога има навивачко насилство, медиумите известуваат со нивниот етнички поглед“.

Химната и училишната сегрегација

(...) Арменд Нухиу дојде на нашата средба со дрес на Шкендија. Тој е етнички Албанец која работи како преведувач и е навивач на Шкендија. Се среќаваме во Тетово, центарот на Албанците во С. Македонија.
„За волја на вистината, тука луѓето не го поддржуваат националниот тим со истите емоции“, вели Нухиу. „Албанците гледаат (натпревари, н.з.) , но не организираат посебни настани. Сепак на социјалните мрежи прочитав многу изрази на солидарност. Тоа е почесто случај во последните 10 години“.
И тој верува дека Европското првенство ги обединило луѓето. Во истовреме, тој не информира и за спорните точки. Етничките албански репрезентативци не ја пеат химната затоа што во текстот се слават само Македонци. Тоа пак ги лути етничките Македонци кои постојано стравуваат дека нивните сограѓани сакаат да создадат Голема Албанија. Колку тоа (Албанците, н.з.) навистина го сакаат е спорно.
„Тоа важи за најмногу 10 проценти“, смета Нухиу. „Мнозинството граѓани сакаат само подобар живот, подобри плати, подобра инфраструктура“.
Други пак, како Кржаловски, сметаат дека мнозинството Албанци се уште се солидарни со (Голема) Албанија. Нухиу прагматично гледа на спорот: нему лично му е сеедно кому му се пее во химната. „Но јас сум прогресивно малцинство“, вели тој.
Тоа што луѓето живеат едни покрај други има многу врска и со школскиот систем. Во С. Македонија секое малцинство има право да учи на својот мајчин јазик. Тоа води кон сегрегација.
„Образовниот систем е целосно паралелен“, вели Томовска Мисоска. „Дури и повеќејазичните училишта ги делат часовите. Тие се обидуваат да спречат контакти за да избегнат конфликти. Ги држат децата разделени едни од други“. Тоа продолжува и на Универзитетите. Резултатот е што луѓето многу малку знаат едни за други.
„Потребни се повеќе контакти надвор од клупите и заеднички активности. Или заедничка настава на пример за странски јазици, ИТ или спорт“, вели Томовска Мисоска.
Важни се и мешаните тимови како националната репрезентација. „Денес луѓето се многу горди на таа различност. Одиме во вистинска насока“. Врзувачката сила на фудбалот очигледно постои. И покрај тоа што репрезентацијата (на ЕП, н.з.) досега нема ниту еден бод, понекогаш (по)важни се други нешта“, пишува Тагесцајтунг.

Македонските навивачи за време на интонирањето на националната химна пред мечот со Австрија на ЕПФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој стои зад успехот на македонската фудбалска репрезентација

05:59

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми