1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија ќе испрати воена помош за Украина

ДТЗ
28 февруари 2022

Земјата ќе учествува и во координацијата за прифат на украински бегалци, а ќе испрати и крвни единици и медицинска помош за Украина.

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија ќе донира воени средства и опрема за вооружените сили на Украина. Ваква одлука донесе македонската Влада која што се придружува на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ. Претходно голем дел земји поединечно одлучија да и испратат воена помош на Украина, откако Русија започна воената инвазија на 24 февруари.

Како што се наведува во соопштението на македонската Влада, видот на средства кои се донираат се согласно барањата на Украина. 

Северна Македонија ќе учествува и во координацијата за прифат на украински бегалци, а преку истиот механизам ќе упати помош за Украина, која што била побарана од нивна страна. 

„Побараа крвни единици и медицински помагала и лекови, но и други работи. Се слушнав со министерот за здравство и со директорот на Трансфузиологија и бев известен дека крвни единици има доволно. Ќе ја координираме таа помош за да ја испратиме преку механизмите за цивилна помош и заштита на ЕУ и НАТО“, информираше деновиве министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Во моментот продолжуваат напорите за извлекување на македонски државјани од Украина. Во Украина состојбите стануваат сѐ посложени, но последните информации од македонското МНР се дека ниту еден наш државјанин не е повреден, ниту се наоѓа под директна закана за својот живот.

„Информациите се менуваат од час во час, и истите во овој момент ниту од безбедносен, ниту од практична причина не можеме да ги споделуваме“, велат од МНР.  
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми