1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што треба да се знае за Северодоњецк?

Роман Гончаренко
10 јуни 2022

Северодоњецк е важен голем индустриски центар во источна Украина. Освен тоа, таму пред 20 години првпат се манифестираше прорускиот сепаратизам во Донбас.

Russland - Ukraine - Konflikt I Sjewjerodonezk
Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Новинарите во светот имаат тешкотии да го изговорат името на градот кога известуваат за ситуацијата таму. А и ситуацијата е тешка и непрегледна. Еднаш напредуваат руските сили, другпат тие се запрени од украинската војска. Украинскиот претседателВолодимир Зеленскитоа го опиша вака: во Северодоњецк „во огромна мера“ се одлучува судбината на Донбас. Она што е сигурно - Северодоњецк во моментов е место каде што се водат најтешки борби.

Северодоњецк и соседниот Лисичанск се последните големи градови во регионот Луганск кои сѐ уште се под контрола на Киев. Според наводи на украинскиот Генералштаб, Русија во моментов се концентрира на заземање на Северодоњецк. Украинските трупи кои го бранат градот се соочени со опасност да бидат опколени како во Мариупол.

Центар на хемиската индустрија

Северодоњецк пред војната имаше повеќе од 100 илјади жители. Градот е настанат во советски времиња од населено место во близина на хемиската фабрика „Азот”, најголема од тој тип во Украина. Новиот град на границата кон Луганск, Доњецк и Харков во 50-тите години името го доби според името на реката Северен Доњецк.

Сопственик на фабриката „Азот” е олигархот и медиумски магнат Дмитро Фирташ, кој живее во Австрија од 2014-тата и кому му се заканува екстрадиција во САД поради сомнежи за корупција. Неговата компанија во Северодоњецк произведува хумус, кој во најголем дел оди за извоз. Во изминатите години фабриката, како и многу други во регионот, имаше прекини во работата поради конфликтот во  Донбас.

Влезот во фабриката „Азот“ (архивска фотографија)Фотографија: DW/R. Goncharenko

Покрај „Азот”, во Северодоњецк има и други хемиски фабрики. Во соседниот град Лисичанск има нафтена рафинерија која порано им припаѓала на руски бизнисмени, но веќе долго е вон погон.

Сепаратизам во Донбас

Северодоњецк е познат и по тоа што таму пред 20 години за првпат имаше обид да се подели Украина. На 28.11.2004 во градот се состана т.н. „Сеукраински конгрес на пратеници од сите нивоа”, на кој главно учествуваа проруски претставници на „Партија на регионите”. Партијата настана во Донбас и доминираше во регионот.

Во контекст на прозападната „Портокалова револуција” во главниот град Киев, се закануваше со проглас на автономија со центар во Харков. Автономијата требаше да се однесува на осумте источни и јужни региони на Украина, како и Крим и Севастопол. На конгресот како говорник настапуваше поранешниот московски градоначалник Јуриј Лупков, кој на помлади години работел во хемиската фабрика „Азот”. Лупков подоцна беше прогласен и за почесен градоначалник на Северодоњецк, иако украинските власти уште тогаш, поради сепаратистичките ставови за Севастопол, му забранија влез во земјата. Иницијаторите на конгресот во 2004. се задржаа на општите закани.

За многу аналитичари тој собир сепак важи за прв, па макар и неуспешен обид за да се постигне формална политичка поделба на Украина. Вториот следуваше по десет години, пролетта и летото 2014 година. Откако Русија го анектираше полуостровот  Крим,  локални вооружени сепаратисти заедно со Козаците кои дојдоа од Русија, ги запоседнаа трите соседни градови Северодоњецк, Лисичанск и Рубишне. Украинската армија го ослободи регионот во втората половина на јули 2014. Потоа Северодоњецк стана центар на воено-граѓанската управа на регионот. Таму беа префрлени разни институции и универзитети од Луганск. Сега повторно седиштето е поместено во Западна Украина.

Руската армија е распоредена во регионите со темно сива боја (извор: ОСМ, 8.06.2022)

Стратешкото значење на Северодоњецк

Северодоњецк и соседниот Лисичанск се од стратешко значење, бидејќи овој дел од Донбас се поврзува со другите региони на Украина. Главниот фокус е на автопатот што го поврзува Лисичанск со Бахмут во регионот Доњецк. Преку него се снабдува украинската војска, а до неодамна се евакуираа и цивили, но поради гранатирањата, овој пат сега се смета за премногу опасен.

- повеќе: Одлучувачки денови за Луганск и Северодоњецк, Зеленски ја обвинува Русија за геноцид

Заземањето на Северодоњецк и Лисичанск ќе ѝ овозможи на  руската армија да стигне до административната граница на регионот, а оттаму би можела да напредува позападно кон Краматорск, уште еден административен центар во регионот на Доњецк. Краматорск е еден од последните големи индустриски градови во Донбас кој сè уште е целосно контролиран од Киев.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми