1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седумдесет години од востанието во Варшавското гето

Р.Романиец / Е.М.Фиданоска19 април 2013

На 19.04.1943 год. Евреите во Варшавското гето кренаа востание против нацистите. Борбите против СС-силите траеја до 16 мај. Преживеаја само неколку илјади луѓе. Во Полска денеска се одбележува годишнината од востанието.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Кристина Будницка има 81 година и е сведок на востанието во Варшавското гето. Била дете кога избиле борбите. Во април 1943 година, кога повеќето Евреи биле веќе одамна депортирани од гетото, преостанатите носат одлука за вооружен отпор. Тоа е прво организирано востание на Евреите против нацистичкиот режим. Преживеаја малкумина, меѓу нив и Кристина Будницка.

„Нема гроб каде што можам да им запалам свеќа на моите родители и роднини, каде што можам да положам цвеќе и да се помолам. Затоа е за мене толку важно ова место, каде доаѓам на годишнината од востанието во гетото.“

Кристина Будницка пред 70 години живеела со семејството во гетото. Била најмладото од осум деца. Татко и‘ бил столар и кога почнале депортациите, со синовите изградил таен бункер под визбата. Тука се криеле со останатите членови на семејството. Дел од браќата биле заробени и од собирното место биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка.

Кристина БундицкаФотографија: DW/R. Romaniec

„Овде е врежано името на брат ми, на други членови на семејството и многу други еврејски имиња. Јас за време на окупацијата никогаш не бев овде, не ме фатија и никогаш не ме довезоа на ова собирно место. Затоа сум жива и можам да раскажувам. Ако се најдев овде, немаше да преживеам“, вели Кристина Бундицка, исправена пред споменикот на некогашното собирно место.

Кристина Будницка со децении не можела да зборува за својата судбина. Како и многу други преживеани Евреи, во комунистичка Полска се чувствувала стигматизирана и молчела. Атмосферата се менува дури по пресвртот во 1989 година. Жртвите основаа хуманитарна организација „Деца на холокаустот“, во која се ангажира и Будницка. Ана Драбик е меѓу основачите на здружението:

„На луѓето на почетокот им беше многу тешко да се отворат или воопшто да се снајдат со судбината во животот. Од помош беше психотерапијата која ја нудевме неколку пати во годината. Потоа многумина почнаа да раскажуваат за своите доживувања“, вели Драбик.

Споменик на хероите од Варшавското гетоФотографија: DW/R. Romaniec

И Кристина Будницка денес може да раскажува за тогашното време, пред се‘ за три браќа и сестри и за родителите, кои загинале во Варшавското гето. Девет месеци издржале во бункерот и во подземните канали (на фотографијата горе прегледанети деца Евреи на улиците на Варшава). Некои од нив се бореле во востанието во Варшава. На крајот преживеа само таа.

„Излегов низ еден канал, за жал без родителите и сестра ми. Снаа ми, најмладиот брат и јас излеговме. Тој речиси ќе се удавеше во каналот и наскоро почина од последиците.“

Кристина Будницка долги години го избегнувала овој дел од поранешното гето. Но, од пред неколку години повторно живее овде. Никогаш не формира свое семејство. Наставник е и до денес има работа со млади.

„Уште малку и ќе не‘ нема. Затоа чувствувам обврска тоа да им го раскажувам на младите. Зашто, се‘ уште има луѓе кои тврдат дека се‘, вклучително и Аушвиц, не постоело. Затоа ние, сведоците, мора да ја раскажуваме вистината за тие времиња. Тоа е последната моја задача во животот, во деновите што ми преостануват.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми