Седум години затвор за Јулија Тимошенко
11 октомври 2011Во процесот поради злоупотреба на службена должност, украинскиот суд ја осуди поранешната премиерка Јулија Тимошенко на седум години затвор. Тимошенко е виновна по точките на обвинението. Судот во Киев смета дека е докажано оти Тимошенко во 2009 година склучила договори за испорака за гас со Русија, кои биле неповолени за Украина. Поранешната советска република претрпела штета од 137 милиони евра поради Тимошенко, изјави судијата Киријев. Со изрекувањето на пресудата тој го потврди барањето на Државното обвинителство, кое пледираше на казна затвор од седум години, но и на обештетување тешко милиони и забрана за извршување политичка дејност за предвоникот на „портокаловата револуција“.
Тимошенко: Секогаш работев за доброто на Украина
Сединцата на која беше објавена пресудата почна уште утринава, а судијата Родион Киријев неколкупати даваше паузи. Една од паузите Тимошенко ја искористи за импровизирана и истовремено забранета изјава за печатот. „Ниту еден збор од она што сега го чита Киријев не е вистинит. Ниту во светот, ниту во Украина некој верува во злосторствата кои тука се објавуваат, затоа ниту Јануковиќ, ниту Киријев можат овдека да го извалкаат моето чесно име. Секогаш работев за благосостојбата на Украина и ќе продолжам со тоа“, изјави Тимошенко и подвлече дека судијата Киријев е присутен, но не зборува во свое име. Тој нема свое сопствено мислење, изјави поранешната премиерка.
Уште во текот на процесот 50 годишната Тимошенко постојано го обвинуваше судијата, дека е само марионета на украинскиот претседател Јануковиќ. Тимошенко го изнесе своето мислење и во врска со него.
„Искрено кажано, жал ми е за Јануковиќ. Тој верува дека на овој начин ја демонстрира своја моќ, верува дека се презентира како силен водач, со тоа што дозволува да бидат донесени вакви пресуди, но со тоа се омаловажува самиот“, изјави Тимошенко.
Политички мотивиран процес?!
Приврзаниците на Тимошенко, илјадници насобрани пред судот во Киев, бурно реагираа на објавата дека Тимошенко е прогласена за виновна. Претпладнево веќе дојде со судири со сили за безбедност, кои се пред судот во голем број. Украина е на пат да стане диктатура, опоменуваат приврзаниците на Тимошенко.
„Ова е самоволие и беззаконие. Поинаку не може да се гледа на оваа пресуда“
„Украина нема да се помири со оваа пресуда, туку ќе издејствува ослободување на поранешната премиерка“.
„Ова е лошо за Украина, ги кочи нашите напори за приближување кон Европа“, порачуваат приврзаниците на сега веќе осудената поранешна премиерка. Како казнета, Тимошенко имено нема да смее да се кандидира на престојните избори за политичка функција. Одбраната на Тимошенко веќе најави ревизија.
Европската унија, уште пред објавувањето на пресудата се закани со консеквенции, во случај на осуда на Тимошенко. Во меѓународни рамки, процесот против Тимошенко се оценува како политички мотивиран.
Автор: Кристина Нагел/ Александра Трајковска/ афп/ дпа
Редактор: Борис Георгиевски