1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седум препораки од ЕУ за политичките лидери во Македонија

Катерина Блажевска3 мај 2016

Додека ДУИ повикува на компромис, заедно со ВМРО-ДПМНЕ до ДИК веќе доставиле предлози за членови во Избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва. Предлози не доставиле СДСМ и ДПА.

Седум препораки за обновување на дијалогот и преговорите сугерирани од еврокомесарот Јоханес Хан, амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, пред велигденските празници им ги пренел на лидерите на четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино. Партиите не соопштуваат кои се тие седум препораки, но според дипломатски извори, во основа станува збор за „реафирмирање на пораките што комесарот ги испратил непосредно по претседателската одлука за аболиција на политичари и нивни соработници, но и за некои други одлуки кои во меѓувреме ја отежнале ситуацијата“.

Според тоа, извесно е дека официјален Брисел и натаму бара повлекување на одлуката за аболиција, обновување на дијалогот, пречистен Избирачки список, реформа на медиумите, а не е исклучено дека на списокот се и други препораки, како што е враќањето на надлежностите на министерот за внатрешни работи, односно поништување на одлуката со која тие се одземени.

Фотографија: MIA

Нема иницијатива

До денес ниту една од партиите не презела иницијатива за одржување заедничка средба на која ќе се договорат чекори за излез од сегашното статус-кво. Единствено ДУИ, која самоиницијативно си презеде неформална посредничка улога, упати повик до македонските политички партии да прифатат компромис, за да ја извлечат државата од криза.

„Ако тоа не биде постигнато, тогаш на ДУИ ѝ преостанува да ги разгледува нејзините политики во правец на заштита на интересите на Албанците во Македонија“, изјави портпаролот Бујар Османи, пред неколку дена.

Во истиот период и лидерот Ахмети на средба со норвешкиот амбасадор ги презентирал напорите на ДУИ за постигнување компромис меѓу двете страни.

„Свесни дека сериозниот судир во земјата ги надминува границите и потенцијалите на Македонија, лидерите на најголемите партии во земјата треба да постигнат компромис веднаш, потенцирал Ахмети, повторувајќи дека ДУИ ќе продолжи со напорите за излез од кризата во секојдневен контакт со меѓународните партнери од Брисел и Вашингтон и во комуникација со потписници на Договорот. И покрај ваквите јавни пораки од ДУИ за постигнување компромис, од друга страна, партијата испраќа поинакви сигнали околу нејзините вистински чекори и намери.

Имено, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се единствените партии кои пред неколку дена до ДИК доставиле предлози за членови во Избирачките одбори во дипломатско -конзуларните претставништва (ДКП). Такви предлози не испратиле СДСМ и ДПА. Тоа значи дека ДУИ се подготвува за избори, што е сосема спротивно од она што Ахмети го изјави во интервју за австрискиот „Стандард“, запрашан за изборите закажани на 5-ти јуни.

„Кои избори? Се шегувате со мене?“, изјави Али Ахмети, давајќи аргументација за тој став: „ДУИ сака исполнување на сите критериуми, со цел веродостојноста на изборите да биде призната од сите, и од меѓународната заедница. Ние, четирите партии решивме да ги одложиме изборите за 5 јуни. Но, сега опозицијата ја оспорува работата на ДИК. За земјата не би било добро да се оди на избори без опозиција. ДИК мора да се произнесе околу оправданоста на барањата на опозицијата, а тоа би требало да го коментираат и меѓународните претставници. Во земјата владее хаотична ситуација, управата не функционира, владее општо исчекување.“

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Одговор без одговор

Од ДУИ избегнуваат директен одговор на прашањата за ваквиот двоен аршин што го промовира партијата. Портпаролот Бујар Османи вели дека ДУИ ги поддржува континуираните напори на меѓународната заедница за наоѓање заедничко решение.

„Оваа недела е последна за партиите да се изјаснат за конечниот став во однос на заедничко решение за излез од кризата. Само решение кое ги вклучува сите страни, е најдобар начин за излегување од оваа криза. ДУИ останува на ставот дека решението треба да биде инклузивно“, изјави Османи.

На прашањето зошто тогаш ДУИ веќе предложила членови за Избирачки одбори, односно партиципира во подготовка на неинклузивни избори, на кои нема да учествуваат сите партии, Османи избегна конкретен одговор.

„Се до конечното изјаснување на партиите - дали се подготвени за заедничко прифатливо решение за излез од кризата, ДУИ ќе работи да се постигне компромис,“ рече портпаролот на ДУИ.

Опозицискиот СДСМ досега неколкупати се изјасни дека услов за какви било заеднички разговори е повлекување на одлуката за аболиција и закажување на собраниска седница на која ќе се одложат изборите закажани за 5-ти јуни. Од ДПА досега официјално не го соопштија ставот, но постапките на партијата говорат дека ДПА нема намера да учествува на избори на тој датум.

За одлуката околу (не)одржливоста на избори на 5-ти јуни во услови на неисполнети услови, остануваат само уште седум дена, бидејќи според роковникот на ДИК, листите на кандидати за пратеници треба да се достават најдоцна до 11 мај. Тие се последните денови во кои партиите треба да најдат решение. Во услови на голема поларизација меѓу нив, и натаму сите погледи и очекување се насочени кон помош од Брисел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми