На 24 февруари беше организиран првиот марш на „Тврдокорните“ под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“. По интервјуто на Груевски за Сител, два дена подоцна, маршот прерасна во протест „За заедничка Македонија“
Реклама
Од зградата на владата до Собранието, со недели секој работен ден маршираат илјадници луѓе во Скопје. Она што започна како натпартиски марш под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“ организиран од Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ по само неколку дена прерасна во „граѓански“ марш под мотото „За заедничка Македонија“.
Поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ отфрла каква било поврзаност со протестите кои се насочени против заканите од т. н. „Тиранска платформа“ и апелираат за заедничка и мултиетничка Македонија. Промената во наративот на протестите се случи по интервјуто на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за Сител, кој им порача на граѓаните дека „се во заблуда доколку сметаат дека со седење дома и гледање телевизија некој друг ќе им ја одбрани државата“.
Оттогаш протестите добија на масовност, а се приклучија и бројни јавни личности кои секојдневно им се обраќаат на демонстрантите.
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Сезона на протести во Македонија
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Груевски и „народот“
„Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување“, изјави Никола Груевски во интервјуто за телевизијата Сител на 26 февруари. Веќе следниот ден се одржа првиот протест за одбрана на татковината...
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“
Првиот протестен марш беше оддржан на 27 февруари. Граѓани со транспаренти на кои беа испишани пораки за одбрана на Македонија се собраа пред Владата од каде го започнаа маршот кон Собранието. Предводници маршот се Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски здружени во иницијативата „За заедничка Македонија“.
Во првите неколку денови од протестите, пораката за „Заедничка Македонија“ беше во втор план, а настапот на демонстрантите беше одбележан со транспаренти кои го потенцираа нивниот надпартизам или се промовираше Македонското патриотско здружение- „Тврдокорни“. Мотото на почетокот беше „Македонски марш- завет за Македонија“.
Фотографија: DW/P.Stojanovski
Црвени линии
Барањата на демонстрантите и иницијативата „За заедничка Македонија“ се безусловно отфрлање на т.н. Тиранска платформа и зачувување на унитарноста на Македонија. Тие исто така се против двојазична и двонационална Македонија, против промена на знамето, химната и државниот грб.
Организаторите на протестите порачаа дека нивните барања се базирани на вредностите на претходните три Илиндени - соживот, почит и толеранција. „Сакаме да живееме во оваа земја заеднички со сите останати народи – како што сме живееле до сега, да продолжиме во иднина“ изјави Богдан Илиевски - иако на првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Стари пораки
Политичките пораки на транспарентите кои можат да се видат на протестите имаат препознатлива симболика. На нив се испишани пораки против мешањето на ЕУ во кризата, против Џорџ Сорос и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли - додека истовремено се изразува поддршка за Доналд Трамп. Оваа констелација на пораки во голем дел се поклопува со реториката на власта во пред и пост изборниот период.
Фотографија: DW/P.Stojanovski
Јоханес Хан „сардисан“
При посетата на Скопје на 21 март, Јоханес Хан беше пречекан со протест пред седиштето на ЕУ од демонстрантите на „За Заедничка Македонија” и дел од вработените во Трансмет. Граѓаните се собраа пред канцелариите на ЕУ, а вработените во компанијата на Сеад Кочан со камиони го блокираа булеварот. Хан мораше да излезе од задната врата под полициски надзор, без да биде забележан од демонстрантите.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Медиумски (не)пријатели
„Медиумите под отстрел“ - гласи еден од транспарентите на протестите, алудирајќи на случајот на Сеад Кочан, исто така сопственик на телевизија НОВА. Но, се чини дека токму новинарите кои известуваат од протестите се најдоа на мета на демонстрантите. На вториот ден од протестите беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.