1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеизмолозите смируваат - нема опасност од земјотресите

ДТЗ
10 јануари 2022

Тлото во Грција не мирува. Над 40 афтершокови се регистрирани по синоќешниот земјотрес кој беше почувствуван и во Северна Македонија. Сеизмолозите велат дека афтершокови ќе има и во наредниот период.

Erdbeben - Seismograph
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg

Серијата земјотреси со епицентар во Лерин, Грција, кои синоќа и изутринава беа почувствувани и во Северна Македонија, предизвикаа вознемиреност кај граѓаните и помали оштетувања на објекти и згради во Битола. По првичниот земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, следеа уште над 40афтершокови, а ваква активност, според сеизмолозите, се очекува и во наредниот период. Но, според нив, нема никаква опасност за македонските граѓани. 

Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје ја следи зголемената сеизмичката активност која потекнува од битолското епицентрално подрачје која започна минатата вечер со досега најсилниот земјотрес од оваа серија, кој се случи во 22.43 часот. 

„Таа сеизмичка активност се должи на активноста на битолскиот расед, кој, според податоците, како историски, така и од последните 100 години, може да даде максимална Рихтерова магнитуда ML5.7 и интензитет од VII степени според Европската макросеизмичка скала. Според истражувањата и анализите од Сеизмолошката опсеваторија, тоа е што може да се очекува како сеизмичка активност од ова епицентрално подрачје“, вели за ДВ, Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според неа, можни се оштетувања на стари објекти, како уривање на оџаци или дел од ѕидови, но на поновите објекти, кои се асеизмички градени, не се очекуваат конструктивни штети. 

Сеизмолошката опсерваторија регистрираше серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје, во соседна Грција, во околината на Лерин. Првиот земјотрес кој се случи во 22.43 часот беше со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на земјата, првенствено во Битола и тоа со интензитет од VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел на земјата беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени според истата скала. Вториот почувствуван земјотрес беше во 22.53 часот со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во Битола со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.

Спијте мирно - нема опасност

„Спијте мирно, бидејќи и да се случи посилен земјотрес, епицентарот е доволно оддалечен од сите македонски градови, со исклучок на Битола, и забрзувањето ќе атенуира, па нема никаква опасност“. Ваква порака испрати синоќа сеизмологот Михаил Гаревски, само петнаесетина минути по земјотресот во околината на Лерин, Грција, со јачина од 5,6 степени, кој во 22,43 часот беше почувствуван и во Северна Македонија. Најголема вознемиреност земјотресот предизвика во Битола, каде се предизвикани помали оштетувања на згради и објекти. 

По првичниот земјотрес, регистрирани се над 40 афтершокови. Гаревски за ДВ вели дека тлото нема да мирува ниту во наредниот период, а афтершокови е можно да има и во наредните два месеци.

„Земјотресите се непредвидливи, но ако синоќешниот земјотрес беше главниот удар, тогаш нема простор за загриженост за македонските граѓани. Афтершокови најверојатно, според силината на земјотресот, ќе има и во наредните месеци, некои со послаб, а некои со посилен интензитет“, вели Гаревски. Според него, ризикот за Северна Македонија е еднаков на „нула“. 

Вознемиреност и помали штети

По серијата земјотреси, битолчани панично ги напуштија домовите и ноќта ја поминаа на улица. Битолскиот градоначалник Тони Коњановски за денеска закажа состанок на општинскиот кризен штаб, на кој ќе стане збор за состојбата во Битола по серијата земјотреси. На седницата на Советот ќе биде предложена дополнителна точка за формирање комисија за надомест на штетите од земјотресот. Тој синоќа излезе на терен со дел од кризниот штаб. Коњановски ги посети Итната помош и Противпожарната единица, како и делови од градот каде што доминираат висококатници и има поголеми штети.

Земјотресите, три едноподруго, од кои најсилниот со магнитуда од 5,6 степени, кои имаа епицентар во близина на грчкта граница на 5 километри североисточно од Лерин, а беа почувствувани и во Битола, предизвикаа материјални штети врз куќи, згради и други објекти. Силниот земјотрес предизвика помали оштетувања и на згради и куќи во Лерин. Нема информации за повредени или сериозни материјални штети.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми