1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секое седмо дете во Германија живее од социјална помош

ЕМФ/дпа31 мај 2016

Стотици илјади деца во Германија зависат од социјална помош. Во покраините Бремен и Берлин таква судбина има секое трето дете. И, бројот се зголемува!

Фотографија: imago/blickwinkel

Секое седмо дете во Германија живее од социјална помош, т.н. Харц 4. Според податоците на Сојузната агенција за работа кои ги цитира новинската агенција ДПА, минатата година од социјална помош биле зависни во просек 1,54 милиони деца под 15-годишна возраст. Тоа е за 30.000 повеќе од годината пред тоа. Податоците се објавени на барање на пратеничката на Левицата Сабине Цимерман по повод утрешниот Ден на детето во Германија.

Во одделни региони на земјата ситуацијата е особено тешка. Така, во градовите-покраини Бремен и Берлин речиси секое трето дете под 15 години живее од социјална помош, односно во таква ситуација се 31,5% од децата. Во покраината Саксонија Анхалт 21,8% од децата зависат од Харц 4, додека во Хамбург тој процент е 20,4.

Процентуално најмалку деца кои живеат од социјална помош има во покраината Баварија - 6,5%.

Сѐ повеќе деца живеат од социјална помошФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

„Се работи за сиромаштија на родителите“

Кога се зборува за сиромаштија на децата, практично станува збор за сиромаштија на родителите и нејзиното влијание врз децата, вели пратеничката на Левицата, Цимерман. „Кај енормен број деца кои живеат од Харц 4 се отсликува тешката состојба на пазарот на работа во многу региони, со премалку работни места и ниски примања.“

Цимерман, која е заменик шеф на пратеничката група на Левицата во Бундестагот, ја обвинува владејачката коалиција, составена од демохристијаните и социјалдемократите, дека прави премалку за решение на проблемот кој постои со години.

Околу 30 социјални здруженија и синдикати од политиката бараат концепти за излегување на крај со сиромаштијата на децата. „Сегашниот систем на додатоци за деца и семејства со ниски примања не може да спречи раст на сиромаштијата на децата“, оценуваат тие. „Напротив, децата од семејства со добра заработувачка во Германија сѐ уште добиваат поголем поттик отколку децата од домаќинства кои примаат Харц 4.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми