1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој втор вработен пријавен на половина плата

Нино Домазетовиќ
27 октомври 2016

На речиси една половина од работниците во Македoнија им се исплаќаат придонеси за здравствено и социјално осигурување на плата која е пониска од реалната.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Секој втор работник во Македонија е пријавен на плата која е пониска од таа која реално ја добива, покажува регионалното истражување „Работникот во сенка – Скриена економија и непријавен труд во Македонија, Албанија и Косово“ спроведено од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП) од Скопје.

Резултатите од истражувањето на ЦИКП покажуваат дека 1 од 10 работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавач со што, покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето на данок на приход. Во делот на истражувањето за пријавување на трудот кај македонските работници, утврдено е дека 46% од вработените целосно или делумно не ја пријавуваат својата работа, што претставува зголемување од шест процентни поени во однос на 2014 година.

Процентот на вработените во Македонија кои работат без потпишан договор изнесува 9%, што e  зголемување од 2014 година кога истиот изнесувал 7%. Немањето на писмен договор претставува извор на несигурност за работниците и основа за непријавување на трудот и приходите. 

Девет проценти од вработените во Македонија работат без потпишан договор.Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Nicolas

Студијата во Македонија била спроведена во периодот од мај до јуни во 2016 година, на примерок од 1.097 испитаници со цел да се добие претстава за нивото на скриена економија, т.е. случаи на легална, но непријавена работа и избегнување на плаќање даноци. Скриената економија се однесува на легални економски активности кои не се пријавуваат кај надлежните власти, за разлика од црната економија која е нелегална и вклучува криминални активности.

Еден од најважните индикатори на скриената економија во Македонија е високата невработеност, која изнесува 24%. Долгорочна невработеност, која е исклучително висока и која во 2015 година изнесувала 81,6%, укажува на фактот дека голем дел од невработените мора да се вклучат во некаков вид на економска активност, која најчесто е скриена - со цел да обезбедат барем минимални приходи за егзистенција.

Според извештајот, токму овие групи на луѓе е најверојатно да се впуштат во сектори и индустрии каде се извршува непријавена работа и каде плаќањето на приходите се врши во готово. На тој начин се избегнуваат официјалните и законски  утврдени канали на работните односи. Според одредени студии процентот на непријавена, т.е. скриена работа во Македонија изнесува 34,9%.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми