1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220611 Unabhängigkeitserklärung Kroatien Slowenien

25 јуни 2011

Пред 20 години, на 25 јуни 1991 година, Хрватска и Словенија прогласија независност. Одлуката која значеше крај на социјалистичка Југославија не беше неочекувана.

Фотографија: DW

Тоа беше најавен чекор - четири недели пред официјалното прогласување независност на Хрватска и Словенија, на 25 јуни 1991 година, хрватските граѓани со огромно мнозинство од 94% се изјаснија за отцепување на републиката од тогашната југословенска федерација. И Словенците беа недвосмислено решени да одат по свој пат. Ваквата волја ја изразија на референдум, во декември 1990 година. Соодветно на тоа, расположението во двете земји беше еуфорично.

Многумина и не помислуваа, дека војната дури тогаш вистински ќе почне, во Хрватска, а уште повеќе во Босна и Херцеговина. Меѓу нив е и загрепскиот политиколог и новинар Срѓан Дворник: „Во тој момент мислев дека прогласувањето независност е само еден елемент во игрите на тактизирање на претседателите на тогашните републики на Југославија. Во тој момент воопшто не ми беше јасно какви тешки последици тоа ќе има.“

Не се гледало она што не се сакало да се види - таков беше тогаш психолошки сфатливиот, но политички погубен став на многу луѓе во тогашна Југославија. Притоа, знаците дека земјата ќе се распадне беа видливи долго време, вели Мари-Жанин Калик, професор на универзитетот Минхен: „Во тој момент Југославија веќе беше распадната, немаше институции кои функционираат и беше логично републиките да се прогласат за независни.“

Смртта на Тито беше почеток на крајот

Денес се знае - уште смртта на долгогодишниот југословенски претседател Јосип Броз Тито во 1980 година го означи почетокот на крајот на Југославија. Без неговата интегративна сила зајакнуваа дотогаш потиснатите националистички сили во земјата, кои се‘ повеќе ги оддалечуваа една од друга шесте републики во федерацијата.

Во јуни 1991 година Хрватска и Словенија сакаа да се оттргнат од великосрпските тенденции на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ. Тогашниот германски министер за надворешни работи и голем поддржувач на хрватските и словенечките стремежи за независност, Ханс-Дитрих Геншер, се сеќава: „Стануваше се‘ повеќе јасно дека Милошевиќ сака да владее. Видливи беа сериозни знаци на великосрпски стремежи. Ни‘ стана јасно дека има причина за настојувањата на Хрватска и Словенија за независност.“

Со месеци пропаѓаа обидите заедничката федеративна држава да се реформира во демократска земјаФотографија: DW

Затоа, Геншер настојувал да ги убеди другите членови на тогашната Европска заедница да ги признаат брзо двете држави како независни. Поради таквите настојувања, на Германија и денес и‘ се префрла дека форсирала признавање и фактички ги приморала другите да ја следат. За Геншер ваквата теза е чиста бесмислица: „На 17 декември имавме седница во Европската заедница. Беше заклучено Хрватска и Словенија да бидат признати како независни држави на 15 јануари 1992 година. Одлуката за признавање ја донесовме на 23 декември, но таа стапи во сила на 15 јануари 1992 година. Тогаш сите останати земји од Европската заедница ги признаа двете држави. Германија од почеток кажа дека нема да постапува самоволно и одлуката беше едногласна.“

Сите заедно на бриселска маса

Денес се‘ уште се води полемика околу тоа дали признавањето влијаеше позитивно или негативно врз натамошниот развој на настаните, пред се‘ врз ескалацијата на војната во Босна и Херцеговина, односно - дали ако Хрватска и Словенија беа признати порано тоа ќе ја спречеше војната? Дворник смета дека ќе ја спречеше, додека Мари-Жанин Калик е уверена дека тоа не играло значајна улога: „Мислам дека ако беа признати порано тоа немаше да ја промени основната констелација. Се судрија непремостливи противречноси - едни сакаа независност, додека други сметаа дека тоа ги загрозува нивните животни интереси. Моментот на признавање тука не беше важен.“

Ханс-Дитрих Геншер, поранешен германски министер за надворешни работиФотографија: DW

Од прогласувањето независност на двете држави минаа 20 години. Словенија е веќе членка на ЕУ, Хрватска треба да се приклучи за две години. Трагите на војната се речиси избледени. И останатите земји од поранешна Југославија тежнеат кон влез во ЕУ. Така би можело да се случи наскоро сите повторно да се најдат на иста маса - онаа во Брисел.

Автор: Зоран Арбутина/Рајна Бројер/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми