Секој петти Шпанец без работа
15 декември 2010
Пред заводот за вработување во Шпанија има долги редици. На ваквата слика во меѓувреме се навикнаа речиси сите граѓани. Имено, секој петти Шпанец е без работа. Со предвидената програма за штедење на владата на премиерот Запатеро ќе биде укинат дел од паричната помош за луѓето кои веќе подолго време се невработени. На овој начин за нив уште повеќе се влошуваат и онака тешките услови за живот: „Нема ништо да се промени. Тие ќе направат да биде уште полошо. На крај луѓето ќе почнат да крадат, затоа што треба нешто да јадат. До сега во мојов живот не сум доживеал вакво нешто страшно. Меѓутоа, доколку еден ден моето семејство нема што да јаде, тогаш без размислување ќе ја ограбам вилата на Запатеро“, вели еден средовечен човек. Поради владините мерки за штедење шансите да се нормализира состојбата на шпанскиот пазар на труд се уште помали. Експертите проценуваат дека до крајот на годинава уште повеќе луѓе ќе останат без своите работни места.
Уште повеќе луѓе ќе останат без работа
Како дел од мерките за штедење на шпанската влада е предвидено и зголемување на данокот на тутун, од што владата очекува 780 милиони евра дополнителни приходи годишно. Освен тоа, до 2012 година треба да се намалат за 35 проценти и субвенциите за електричната енергија добиена од ветерници. Од таа мерка владата очекува да заштеди 1,1 милијарди евра до 2013 година. Во 2009 година државниот дефицит на Шпанија изнесуваше 11,1 процент од бруто домашниот производ. До 2011 година владата сака да го намали на шест проценти, што е се’ уште двојно повеќе од она што го предвидува европскиот пакт за финансиска стабилност.
Автор: Aриане Мор / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Симе Недевски