1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сексуален скандал ја тресе Австрија: кога свештениците искажуваат "малку поголема срдечност"

16 јули 2004

Во претресот во просториите на семинарот за свештеници во Санкт Пелтен, на 80-ина километри од Виена, полицијата пред некое време пронашла илјадници порнографски фотографии, притоа и со детска порнографија. Некои од тие снимки стигнаа и до печатот кој ги објавуви на почетокот од неделава. Сега јавноста и црковни кругови бараат одговорност и повлекување на надлежниот бискуп. Ватикан, засега, молчи.

Чадот на темјаниот не може да ги затскрие работите
Чадот на темјаниот не може да ги затскрие работитеФотографија: Bilderbox

Содржината на меморираното во компјутерот, заштитено со шифра “свештеник”, ја шокира Австрија: повеќе од 40 илјади порнографски фотографии, некои и со детска порнографија, со кои се орасположувале католичките духовници, кои и меѓусебно се фотографирале при сексуални игри со раководителот на семинарот и неговиот заменик.

Обајцата во меѓувреме се повлекоа од функциите, но аферата ни оддалеку не заврши. Сега во фокусот е надлежниот бискуп Курт Крен, кому не му е дури ни јасно зошто околу сево се кренало толку прашина: “Се славеше Божик, и тие некако искажуваа малку поголема срдечност. Повнимателно ги погледав снимките и тие ни на кој начин немаат врска со хомосексуализам. Тоа се лудории, момчешки глупости” – смета бискупот.

Неговите колеги од Австриската бискупска конференција се на поинакво мислење и гледаат итна потреба за дејствување. Под притисок од нив Крен сепак свика кризна седница, иако не сакаше пред јавноста да признае дека причина се настаните во семинарот во Санкт Пелтен. Диецезискиот бискуп засега нема намера да се повлече од таа должност, но во црковни кругови се сомневаат дека ќе може да опстои. Критиката е енормна. Познатиот теолог од Виена Паул Цуленер ситуацијата сликовито ја споредува со катастрофа во атомска централа: “Ова што сега се случува е еден вид пасторален супергау”.

Претседателот на сите австриски свештенички семинари Мартин Валхофер, пак, вели дека Санк Пелтен веќе од поодамна играл неславна специјална улога – таму биле примани кандидати, кои биле одбивани на други места. “Секако е потресувачко она што се случи. Одговорноста лежи врз бискупот и тој мора да одговара пред австриската црква, а и пред Бога” – вели Валхофер.

Колку многу е разнишан односот меѓу австриската Католичка црква и нејзиниот бискуп Курт Крен, сведочат и зборовите на теологот Цуленер, кој вака го гледа излезот: “Тој да каже: болен сум, алкохолот премногу ми наштети, па всушност веќе и не сум во состојба да спречам такви страшни постапки во некој свештенички семинар, и сега на диецезата што ми е доверена и‘ ја правам најголемата и можеби последна услуга што би можел да и‘ ја направам - самиот ја напуштам функцијата и правам место за некого кој би можел да го репарира овој свештенички крш. Но, може да се страхува дека тој во начнатата состојба во која се наоѓа и психички веќе е толку слаб, што нема сила за еден таков чекор. Тогаш, пак, ги повикувам Бискупската конференција и одговорните во Рим, а знам дека работите се веќе во тек, сега вистински да дејствуваат и да не чекаат ни ден подолго”.

Ватикан во меѓувреме одби да заземе каков и да е став. Само е укажано дека Папата дал јасни и строги насоки за однесувањето во семинарите за свештеници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми