1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сексуалното вознемирување на Косово е апсолутна табу тема

Вјоса Ќеркини
2 март 2021

Во какво општество живеат напасници кои не се плашат од последици и жртви кои се срамат што станале жртви? Сексуалното вознемирување на Косово е апсолутна табу тема.

Zahir Pajaziti Bulevard in der Stadt Prishtina
Фотографија: Vjosa Cerkini

Жените на Косово на хартија ги имаат сите права. Но, да се изборат за нив во секојдневниот живот- не е лесно. Со тој проблем се среќаваат веќе во семејството, а тоа се провлекува низ сите сфери на животот. На пазарот на работна сила младите жени честопати се чувствуваат како дивеч за отстрел.

А.Б., жртва на сексуално вознемирување, вели:

„Кога завршив факултет, бев без работа и сакав да работам нешто. Бев заинтересирана за работа во една продавница за накит. Со нејзиниот сопственик комуницирав преку СМС-пораки. Неговото прво прашање беше: 'Од каде си?' Му напишав дека сум од Приштина. Второто прашање беше: 'Можеш ли да ми испратиш твоја слика? Можам да те вработам ако спиеш со мене.'“

Оваа млада жена која сака да остане анонимна не го пријавила својот случај во полиција. Била уверена дека полицијата нема да преземе ништо и дека нема да ја заштити. Но, сакала да ги предупреди другите жени. На Фејсбук ја открила групата Albanian girls и таму ја споделила својата приказна со повеќе од 200.000 лица кои ја следат оваа страница.

Луљета Демоли, директорка на Косовскиот центар за истражување на половите, со години се обидува да ја детабуизира темата на сексуално напаствување и вознемирување. Таа ги поттикнува жените да ги изнесат ваквите случаи во јавноста. Но, тоа било и останало - тешко:

„Тешкотиите настануваат кога мора да се борите со патријархалните институции кои не сакаат да го видат она што се случува. Тие на крајот носат одлуки дека сторителот не бил свесен за своите зборови и дела. Конкретно, работевме на тоа сексуалното вознемирање да се етаблира како кривично дело и тоа ни успеа“, вели Демоли.

Сексуалното вознемирување на Косово е апсолутна табу тема

02:31

This browser does not support the video element.

Сексуалното вознемирување на Косово е и формално кривично дело од 2019 година. Но, тоа нема некој вистински ефект на застрашување. На косовските улици и плоштади жените секојдневно и натаму слушаат непристојни и навредливи дофрлања.

 Луљета Демили објаснува:

„Вината за сексуалното вознемирување на Косово им се припишува на жените. Но, секоја жена може да се облече како сака и да се нашминка како сака! Тоа не е повик на малтретирање!“

Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми