Секс, лаги и лов на вештици
1 јуни 2018
Кариерите на Харви Вајнстајн, Кевин Спејси, Бил Козби изгледа завршија, или се неповратно оштетени. До скоро тие беа познати и славни, првиот како голем холивудски продуцент, другите двајца како актери. Но сега – не само што им се запечатени кариерите, туку се и предмет на истрага за сексуални злоупотреби. Во минатото, Мајкл Џексон беше предмет на истрага поради сомнеж дека е педофил. Имаше и судење, за на крајот сепак да биде прогласен за невин. Денеска се' повеќе медиски ѕвезди стануваат јавна мета врз која се цели немилосрдно, најчесто поради сексуална злоупотреби или вознемирувања. Покрај гореспоменатите, листата на оние што беа јавно обвинети постојано се шири: Кејси Афлек, Бен Афлек, Дастин Хофман, Џорџ Такеи, Џејмс Франко, Морган Фриман..... За една година околу 200 познати актери, политичари, моќници се јавно обвинети за сексуална злоупотреба. Јавноста е разбудена и незаситно ја чека следната жртва. Социјалните мрежи се прозорец каде со едно трепкање на очите, допираш до најскриеното катче на светот. Движењето познато како „и јас кажувам” - ги охрабри и жените и мажите да ги отворат своите души и јавно да се исповедаат за нанесените сексуални изживувања од моќниците. Некои од исповедите, рака на срце, испаднаа лажни и измислени. Но еден виновник повеќе или помалку, во овој хаотичен свет, ништо не менува.
„Дигитални ловци” и „вештици”
На сите ни е позната приказната за волкот и детето што дига лажни узбуни заради него. Во неа, малиот лажго е изеден од волкот на крајот од приказната, како поука. Но ова е стара приказна која сведочи за некое друго време, време без интернет и социјални мрежи. Во денешно време нема волци и деца, туку „дигитални ловци” и „вештици”. Последната приказна за 80-годишниот актер Такеи, познат по улогата во серијата „Sвездени патеки”, можеби е еден од најсвежите примери за тоа како на интернет се ловат вештици. И за тоа како она што е создавано и градено со децении, може за миг да се уништи, со само едно сведоштво за нешто што наводно се случило пред многу години. Според првичната изјава, „оштетениот” бил сексуално вознемируван од актерот пред скоро четири децении. Ова веднаш одекна како најнов случај од низата на движењето „и јас кажувам”. Додека Такеи стигна да се огласи и да каже нешто во своја одбрана, испадна дека сеќавањето на тогаш младиот модел и не било „баш” најверодостојно. За на крај „моделот” да каже дека всушност не бил сексуално вознемируван од Такеи. Во меѓувреме медиумите го растргнаа Такеи, чекајќи да им се приклучи глутницата од гладни „дигитални ловци” што распалуваат по тастатурите. Но никој не се јави, ниту се пожали, а напротив – оние што го познавале Такеи имаа само добри спомени за него. Дали воопшто сме свесни како ова го доживеал осумдесетгодишниот Џорџ Такеи? Или тоа воопшто не не' интересира, зашто, нели ако е обвинет, мора нешто да има, а ние немаме време за губење. Но во хистеричната хајка за нови обвинети, не ни сфаќаме дека би можеле лесно - од ловци да станеме и жртва на нечии лаги!
Важно е да се дигне прашина
Се лаже од различни причини. Некој лаже за да ги утеши тие што ги сака, некој за да им наштети на соперниците, некој за да привлече внимание, некој зашто е платен, некој од забава или здодевност, а некој зашто е психички пореметен. Лажењето во мали количини е забава. Дигиталните лаги на интернет ја зголемуваат читаноста и популарноста на порталите, блоговите, профилите. Луѓето лесно голтаат уверливо сервирани лаги. Некои од нив ги пренесуваат со додатно зачинета и дофилувана приказна, сведувајќи ги на бомбастични таблоидни наслови, каде вистината е изедена од лагата. Но во денешно време веќе е неважно дали, што, и колку е вистина. Тоа не менува ништо во начинот на „мислење” на обичниот човек. Борбата за вистина станува дури и смешна во очите на другите. Важно е да се дигне прашина, да се биде секогаш ловец, а никогаш жртва. Победник е оној што прв ќе објави или обвини. Кој да се заморува дали било лага или вистина. Важно е да бидеш прв со „веста”, по секоја цена. Aко еден лажно обвинет настрада, светот и натаму ќе продолжи да се врти...и никому ништо!
Претходни колумни од авторката:
Реалнa бабa како лек за виртуелна лага
Угледни криминалци и чесни будали
Потребата да се извртуваат фактите, да се измислуваат приказни свесно и со цел одредени ситуации да се (зло)употребат за лична корист, не е и некоја новост. Манипулацијата со луѓето отсекогаш била голем предизвик за политичарите и моќниците. Но денес речиси секој може да биде манипулатор. Секој може да објави дека бил силуван или сексуално вознемирен и злоупотребен и да го јава бранот на јавното мислење. Но лажните факти еднаш објавени на мрежите, без разлика дали се вистинити, си имаат свој живот, а некогаш менуваат нечии животи засекогаш. Но дури и да се вистинити, дали апсењата на сторителите треба јавно да се проследат со навивачки насладувања, вербални линчувања и аплаузи?! Дали се ова тие цивилизациски достигнувања, коишто ја претставуваат човечноста како лажна категорија, а со цел да се елиминираат послабите и попустливите? Дали несогласувањето со овие масовни јавни жигосувања не' прави ранливи, и лесен плен за оние што хорски обвинуваат!? Но шоуто мора да продолжи, да се продуцираат нови приказни, да се собираат навивачи, да се наоѓаат истомисленици, плукачи и дигитални ловци.
Поуката што може да се извлече од сето ова е дека - има подеднаква шанса да „ве фатат” само ако штрчите, без оглед дали некого сте злоупотребувале или не, и дали имате некоја вина или не. Затоа, обидете се никогаш да не правите ништо за да се издвоите од останатите. Останете тивки, скриени и анонимни. Останете безбедни ловци во дигиталното стадо, скриени зад екраните, од каде што вешто ќе ловите “вештици”. Надевајќи се дека дигиталниот волк токму вас ќе ве поштеди!