1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За 20 години испразнети 58 населени места 

ДТЗ
4 април 2022

Во штипскиот крај има дури 14 пусти села, додека во 12 кавадаречки села во септември минатата година немаше ниту еден жител да им отвори врата на попишувачите. 

Serbien Schrumpfendes Land
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Миграцискиот и иселенички бран ги опустоши селата во источниот дел на Северна Македонија. Се празнат куќните огништа и во другот дел од внатрешноста на земјата, но на истокот ситуацијата е драматична. Дури 205 населени места станале „села на духови“ како последица на внатрешната миграција, но и на големиот иселенички бран на Балканот, кој не ја поштеди ниту Северна Македонија. За разлика од пописот во 2002 година, кога биле избројани 147 испразнети населени места, за 20 години, бројката е зголемена со нови 58 испразнети населени места. Станува збор најчесто за села во коишто останале по неколку постари жители - дел од нив во меѓувреме починале, дел заминале во поголемите населени места, оставајќи ги пусти семејните огништа. 

Кои села се испразнија 

Селата Едеклерци, Јамуларци, Липов Дол, Скандалци, Сушево, Топлик, Хаџи-Реџепли, Шопур ги поврзуваат две работи. Станува збор за села во источниот дел на земјата, лоцирани во околината на Штип. Вториот важен момент е што станува збор за населени места во кои одамна не се слуша детскиот џагор. Во штипскиот крај има дури 14 пусти села, дел познати во јавноста, а имињата на некои од нив, освен за локалното население, се дури и ретко познати во јавноста. Дел од жителите заминале или во поголемите населени места, или пак во странство, со што родното огниште за многумина повеќе не е и нивно место на живеење. Слична е ситуацијата и во општина Новаци, каде за две децении се опустошени 13 населени места, додека во 12 кавадаречки села во септември минатата година немаше ниту еден жител да им отвори врата на попишувачите. 

Последниот попис во Северна Македонија, чии резултати беа обелоденети на 30 март, ги потврди претпостаките дека со забрзано темпо се празнат македонските села. За разлика од пописот во 2002 година, кога биле избројани 147 испразнети населени места, за 20 години, бројката е зголемена на 205. Но, и меѓу нив има населени места, како на пример приградската населба Глишиќ, чии жители катастарски се споени со Кавадарци, па „неправедно“ се најдоа на листата на испразнети населени места. 

Дури 205 населени места станале „села на духови“ како последица и на внатрешната миграција, но и на големиот иселенички бран на Балканот, кој не ја поштеди ниту Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Не чади ниту еден оџак 

Општините Штип, Радовиш и Новаци се убедливо на врвот на листата по испразнети населени места за изминативе 20 години. Во овие општини се водат дури 40 празни населени места во кои нема ниту еден жител. Ништо подобра не е ниту ситуацијата во општината Валандово, каде се регистрирани 11 места без жители. 

Загрижувачка е ситуацијата и во Чашка - тука пописот откри 10 села на духови, додека по девет испразнети населени места има во Битола и во Прилеп. Во Неготино и во Маврово-Ростуше нема постојани жители во седум населени места. Масовно иселување имало и во Градско, Свети Николе, Карбинци и Центар Жупа. Празни останале и бројни села во Кочани, Дебар, Дојран. Додека одредени села во скопско Студеничани бележат зголемување на станарите - некои се празнат. Алдинци, Калдирец, Осинчани и Умово, според резултатите од пописот се празни населени места, без лица со место на вообичаено живеење. 

Грачани во Ѓорче Петров, Глобочица во Струга, Думановце во Липково, Бродец во Гостивар исто така се најдоа на листата на села без жители. 

„Белата чума“ зема замав

„Белата чума“ ја покоси Северна Македонија. По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година,бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека е загубено население колку две или три поголеми општини во земјата. Вкупното резидентно население на Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1.836.713 жители. Од нив, 50,4 % се жени, а 49,6 % се мажи. Според пописот од 2002 година, во земјата беа избројани 2.022.547 жители, 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Најмала општина во земјата е Зрновци, а најголема Куманово. 

Фотографија: V. Gushevski

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, неодамна соопшти дека вкупното резидентно население во земјата изнесува 1.836.713 лица, а нерезидентното - 260.606 лица. Експертите пак посочуваат дека според меѓународните бази на податоци, бројката на иселени од земјата е далеку поголема. Проценките се дека само за десет години од Северна Македонија заминале 175 илјади граѓани. 

Центар Жупа е една од општините која што останала со преполовено население - таа е во минусно салдо од 42,94% во споредба со 2002 година. Слична е ситуацијата и во Маврово и Ростуше (-41,49%), Ново Село (-39,73%), Зрновци (-36,09%), Дебарца (-32,74%), Кичево (-30,08%).  Во Гостивар за две децении има 21.272 помалку граѓани, во Кичево 17.065, во Струга 12.396. 

Во Пелагониско, во 2020 година природниот прираст бил во негатива од – 8,7, а во Источниот регион пак, бил – 7,1, наспроти Полошкиот каде индексот на природен прираст бил -1,7. Позитивен тренд на природен прираст од 0,1 во 2020 година имало во Скопскиот регион, а на ниво на Северна Македонија изнесувал 3,2 индексни поени. 

Просечната возраст на населението изнесува 40,08 години. Според возрасната структура, најголем процент од населението, 7 отст, се во возрасната група од 40 до 44 години. Во Северна Македонија е попишанo и 51 лицe на возраст над 100 години. 

-повеќе на темата:„Белата чума“ ја покоси С. Македонија - бројот на жители намален за 185 илјади, 207 места останаа празни

Проценките се дека за десет години од земјата се иселиле 175 илјади граѓани. Тоа делумно го потврди и пописот, кој пронајде 205 ненаселени места. Има и случаи кај помалите општини има примери каде населението е речиси преполовено.

„Населението постојано се намалува од 1992 година досега, целиот Балкан традиционално мигрира“, потврдува и Дончо Герасимовски, специјалист од областа на статистиката и поранешен директор на Државниот завод за статистика. Македонското население и старее и се намалува, а тоа е резултат на природниот прираст којшто е во негатива веќе три години, а за што големо влијание имаше и пандемијата. Тоа, според Герасимовски, ќе повлече низа проблеми.

„Населението старее, се губи работоспособното население, ќе имаме недостиг на работна сила, ќе се намалува бројот на деца во училиштата, што ќе доведе до тоа некои од нив да се затвораат“, изјави неодамна Герасимовски за ДВ. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми