Илјада ќебиња добиени преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, беа злоупотребени од евроскептиците со цел да го „покријат“ фактот дека ЕУ ѝ помага на Северна Македонија со 66 милиони евра
Реклама
Голем број потсмешливи коментари, меѓу кои и од лидери на опозициски партии, стигнаа по твитот на евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој на 22-ри април објави дека Северна Македонија ќе добие помош за справување со коронавирусоти преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
„Северна Македонија ќе добие помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што вклучува пет генератори, 25 семејни шатори, 200 душеци и 1.000 ќебиња. Австрија, меѓу другите, испраќа и ракавици и средства за дезинфекција“, напиша амбасадорот.
По оваа најава, во евроскептични кругови веднаш во оптек беше пуштен слоганот „Ќебе за тебе“ како иронично потсетување на кампањата „ЕУ за тебе“. Некои од медиумите отидоа и чекор понатаму - со прашање дали ќебињата и шаторите ќе бидат наменети за мигранти.
„Заедно сме во борбата против овој злобен вирус. Во ова тешко време, ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија со четири милиони евра за итни потреби, 50 милиони евра за социоекономско опоравување, девет милиони евра за приватниот сектор, три милиони евра директна поддршка за буџетот" напиша амбасадорот Жбогар во март.
Денеска првата донација од ЕУ
За да се добие веродостојна слика, Делегацијата на ЕУ во Скопје вчера преку соопштение ги ажурираше податоците за помошта што земјава ќе ја добие од Унијата.
„Поради недоразбирањата кои се појавија во врска со помошта од ЕУ за земјата да се справи со ситуацијата со Ковид-19, Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија сака да ги ажурира информациите за дистрибуцијата на донацијата од 66 милиони евра објавена пред неколку недели. Четири милиони евра се за итно потребни медицински материјали, а првата испорака, која ги вклучува и толку потребните респиратори, ќе биде направена утре (денеска, 24.4 –н.з.). Три милиони евра се за директна буџетска поддршка - процедурите се во тек и ќе се реализира во наредните недели, додека девет милиони евра се за директна поддршка за мали и средни претпријатија која ќе почне да се реализира на есен. Четириесет милиони евра – фондови, исто така, се за поддршка на мали и средни претпријатија, но и за активни мерки за вработување, за што, како што посочуваат од ЕУ се прават последните договори со Владата, со цел првата транша средства да се префрли во Буџетот по завршување на летото. Исто така, 10 милиони евра се алоцираат за евентуални здравствени и други итни потреби кои можат да се јават во иднина", се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Фотографија: Reuters/M. Svitok
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Фотографија: AFP
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Фотографија: picture-lliance/dpa/I. Yefimovich
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/A. Hasaballah
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Фотографија: AFP/L. Robayo
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Venance
9 фотографии1 | 9
Оттаму потсетуваат и дека Европската комисија завчера им предложи на Советот на Унијата и на Европскиот парламент да обезбедат 160 милиони евра за макрофинансиска помош за буџетот на земјава во форма на заеми за да може да менаџираат со фискалните последици од кризата.
„Северна Македонија има право да биде поврзана со Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и системот за брза сигнализација на ЕУ за заразни болести. Европската унија е во процес на ослободување на извозот на медицинска опрема во земјите на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија", се вели во соопштението.
Од Делегацијата на ЕУ додаваат Северна Македонија можела да побара помош и преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што резултирало со испорака на генератори, шатори, ќебиња, душеци и комплети за хигиена, а покрај помошта од ЕУ, земјата исто така добива и билатерална помош од земји членки на Унијата.
Благодарност до ЕУ
Првата донација од итно потребни материјали во која има и респиратори треба да биде доделена денеска. Toa вчера го потврди и министерот за здравство, Венко Филипче, кој упати благодарност до Унијата и до евроамбасадорот Самуел Жбогар, поради поддршката за здравствениот систем на Северна Македонија од четири милиони евра за справување со состојбата предизвикана од пандемијата од Ковид-19.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој вчера учествуваше на вонредниот состанок на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), се осврна на солидарноста како европска, но и врвна социјалдемократска вредност. Тој го поздрави предлогот поднесен до Европскиот парламент, кој има за цел подготовка на пакет мерки за справување со економските последици од коронавирусот, а ја искористи приликата да се заблагодари на помошта што земјава ја добива од Унијата за справувањето со здравствените и економски последици од коронавирусот.
„Изразувам особена благодарност за сѐ она што ЕУ го прави за Северна Македонија како помош во битката против корона вирусот. Благодарни сме што нашата земја е исклучок во забраната за извоз на здравствена опрема од ЕУ, што нашата држава е вклучена и добива помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Секако, голема благодарност и за финансиската помош од ЕУ. За нас, тоа се значајни финансиски средства, затоа што создаваме план за спас на секое работно место, за зачувување на секоја компанија, а со тоа и побрзо надминување на економската криза“, изјави Заев.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.