Семејството повикува да не се шпекулира за Шумахер
4 јануари 2014„Тој скијал по карпеста падина, при што го превидел тоа и како резултат на тоа ја загубил контролата. Потоа удрил со главата во друга карпа“, објасни Кем во изјава за германскиот весник „Билд“. „Тој не се движел премногу брзо. Тоа бил нормален маневар на свртување“, дообјасни таа.
Менаџерката на Шумахер повтори дека семејството бара да се почитува неговата приватност во овој момент и да не се шпекулира за неговата здравствена состојба.
„Ние категорички нагласуваме дека секоја информација за неговата медицинска состојба, а која што не потекнува од докторите или неговиот менаџмент, е погрешна и е чиста шпекулација“, нагласи Кем во пишаната изјава.
Нова прес-конференција во однос на здравствената состојба на Шумахер не се очекува пред понеделник. Последната официјална информација беше дадена на прес-конференција во средата (1.01.2014). И тогаш здравствената состојба беше опишана како критична, но стабилна, откако врз него беа извршени две операции на мозокот.
Ќе открие ли камерата причини за несреќата?
Менаџерката на Шумахер исто така потврди дека поранешниот светски првак во Формула 1 носел камера на кацигата во моментот кога се случил инцидентот при скијањето и таа доброволно била предадена од страна на семејството на француските истражни органи.
„Камерата од кацигата на Михаел беше доброволно дадена на истражните органи од страна на семејството. Дека тоа било направено спротивно на желбите на семејството – не е точно“, нагласува Сабине Кем.
При ударот во карпата кацигата се расцепила на два дела, па не е познато дали камерата воопшто ја снимила несреќата или, пак, била оштетена од ударот. Француските власти пред изјавата на менаџерката на Шумахер информираа дека веќе ја анализираат камерата од кацигата. Анонимен полициски извор информираше дека таа е земена со цел да се расчистат околностите на несреќата на седумкратниот светски шампион во Формула 1. И 14-годишниот син на Шумахер, Мик, кој бил со својот татко во моментот на падот, бил испрашан од инспекторите.
Фановите на роденден пред болница
Додека полицијата се обидува да ги открие причините за несреќата, која се случи на 29 декември, Шумахер и натаму лежи во кома во болницата во Гренобл. Нему вчера му беше 45-от роденден. Додека сопругата Корина, двете деца-тинејџери, таткото Ролф и братот Ралф беа крај неговиот болнички кревет, надвор од болницата се собраа бројни фанови на Шумахер. Тие го одбележаа неговиот роденден со тивко бдеење пред болницата. Настанот делумно беше организиран од Ферари, поранешниот тим на Шумахер. Фановите беа повикани да се појават пред болницата во боите на Ферари.
Иако во моментите кога бил пренесуван со хеликоптер од местото на несреќата до болница бил во свесна состојба, кратко потоа тој падна во кома. Тоа и го попречува неговиот транспорт од болницата во Гренобл.